• четврток, 27 јуни 2024

Сиљановска Давкова прими делегација на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН

Сиљановска Давкова прими делегација на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска примила делегација од Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН, сочинета од Александар Јаневски, претседател на сојузот, Лилјана Затуровска и Трајче Димков, потпретседатели на сојузот и Трајче Карапетров од тетовското Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателката, на средбата која се одржува во пресрет на традиционалното одбележување  на 75-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76-годишнината од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, делегацијата од МАКЕДОН информираше за подготовките на настанот, како и за одржувањето на годишното Собрание на кое се очекува да се донесат одлуки за прием на здруженија во Сојузот, за избор на членови на Претседателството на Сојузот и годишна програма за работа.

Претседателката Сиљановска Давкова, изразувајќи ја својата поддршка за работата и активностите на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, нагласила дека судбината и трагедијата на 30.000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се сокрива и релативизира. Претседателката упатила порака дека почитувањето и знаењето на минатото дава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

Соговорниците на средбата изразиле очекување дека одбележувањето на двата трагични настани, кое ќе се одржи на 30 јуни 2024 година, недела, пред Споменикот на децата бегалци во Парк Жена-Борец во Скопје, ќе помине достојно бидејќи со почитување на судбината и трагедијата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, ја почитуваме и трагедијата на недолжните деца ширум светот - жртви на војните. дма/аа/

Фото: Кабинет на претседателката

Остани поврзан