• недела, 22 декември 2024

Јаневска: Образованието е во лоша состојба, почнуваме со промени веднаш и во сите негови сегменти

Јаневска: Образованието е во лоша состојба, почнуваме со промени веднаш и во сите негови сегменти

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Постои политички консензус дека од бројни направени реформи, ниедна не го дала очекуваниот ефект и затоа образованието ни е во многу лоша состојба. Па дури и последните ПИСА резултати покажуваат дека што и да правиме, не се поместуваме од долниот дел на табелата со држави, порача вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска и додаде дека веднаш почнуваат со промени во сите сегменти од образованието. 

Сега, како што рече, нешто посериозно мора да се направи во координација со сите засегнати страни и тоа паралелно во сите сегменти на образованието.

-Првенствено, ќе посветиме внимание на основното и средното образование. Од програмата произлегуваат низа значајни промени. На пример, планираме подолг престој на учениците во училиште и тоа сите од прво до четврто одделение да бидат во целодневна настава, а учениците од петто до деветто одделение да бидат во продолжен престој, односно по осум часови во кои нема само да седат над книга, туку ќе имаат многу наставни и вон наставни активности, рече Јаневска за ТВ 24.

Таа потенцираше дека во план е ревизија, а не укинување на концепцијата за основно образование, затоа што, како што рече, мора да се одржи континуитет на нешто што е веќе започнато.

-Тоа што е добро од постојната концепција, ќе продолжи, додека тоа, пак, што не го дава ефектот кој се очекувал, треба да го поправиме, посочи Јаневска, потенцирајќи дека во иднина посебно внимание ќе се посвети на детектирање и работа со талентираните ученици кои, потенцира, мора да ги зачуваме во државата.вј/са/

Фото: МОН

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан