• недела, 22 декември 2024

Силно невреме поплави делови од Германија, итните служби повикани на стотици локации

Силно невреме поплави делови од Германија, итните служби повикани на стотици локации

Берлин, 2 август 2024 (МИА) - Силно невреме поплави патишта и предизвика штети во делови од Германија, соопштија денеска локалните власти, додека други делови од земјата се подготвуваат за претстојни поројни дождови.

Итните служби беа повикани на стотици локации, а најтешко погоден регион беше Франконија во Баварија. Неколку автомобили останаа заробени под вода во подвозници во Нирнберг и Фирт.

Најголема финансиска штета се случи во Унтермерцбах, северно од Нирнберг, каде гром веројатно запалил складиште со 60 до 70 возила, соопштија пожарникарите во првата проценка.

Во Тирингија, улиците беа поплавени и во градот Нордхаузен, а службите беа повикани да извлекуваат вода од подруми и патишта.

Повеќе од 100 милиметри дожд паднаа во тој регион за помалку од 12 часа, соопштија германските метеоролози.

Во градот Лудвигсхафен, во сојузната држава Рајнланд-Пфалц, се запали семејна куќа, веројатно по удар на гром. Никој не е повреден, но штетата изнесува до 100.000 евра, пренесува ДПА.

Изутринава, метеоролошките служби издадоа предупредувања за уште три окрузи на северот на Тирингија, со очекувано смирување на временските услови во попладневните часови. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан