• петок, 10 мај 2024

Си-Ен-Ен: Русија продава евтина нафта на Кина и Индија

Си-Ен-Ен: Русија продава евтина нафта на Кина и Индија

Пекинг, 22 јануари 2024 (МИА) - Русија ја надмина Саудиска Арабија и стана најголемиот снабдувач на нафта во Кина во 2023 година, покажуваат најновите податоци на кинеската царина, пренесува Си-Ен-Ен.

Кина, најголемиот светски купувач на сурова нафта, минатата година увезе рекордно количество руска нафта по поевтини цени.

Количината на руска сурова нафта испорачана во Кина скокна за 24 отсто во 2023 година на 107,2 милиони тони во споредба со 2022 година, според податоците објавени од кинеската царинска управа во саботата.

Тоа и помогна на Русија да ја престигне Саудиска Арабија како најголем кинески снабдувач на сурова нафта оваа година. Саудиска Арабија испорача 85,96 милиони тони сурова нафта во Кина во 2023 година, што е за два отсто помалку од 2022 година.

Од 2022 година, Кина го зголеми купувањето на поевтина руска нафта откако Западот воведе санкции кон Москва. Кинескиот увоз на руска сурова нафта се зголеми за осум проценти во 2022 година на 86,24 милиони тони во споредба со 2021 година. Индија, исто така, силно го зголеми увозот на руска нафта.

Вкупната кинеска потрошувачка на руска сурова нафта минатата година изнесуваше над 60 милијарди долари. Според тоа, просечната увозна цена беше 566,64 долари за тон, според пресметките на Си-Ен-Ен. Тоа е околу 10 проценти помалку од просечната цена што ја плаќаше за саудиската сурова нафта, која изнесуваше 626,86 долари за тон. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан