СЗО: Постарите жени и жените со попреченост се изложени на голем ризик да станат жртви на насилство
- Постарите жени и жените со попреченост се изложени на особен ризик да станат жртви на насилство и злоупотреба, но нивната ситуација е слабо видлива во повеќето глобални и национални извештаи за насилство, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Женева, 27 март 2024 (МИА) - Постарите жени и жените со попреченост се изложени на особен ризик да станат жртви на насилство и злоупотреба, но нивната ситуација е слабо видлива во повеќето глобални и национални извештаи за насилство, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Во два извештаи објавени денеска, СЗО повика да се спроведат подобри истражувања во земјите-членки, со цел да се осигура дека овие жени ќе станат „видливи“, односно дека нивните проблеми се подобро разбрани и дека нивните специфични потреби се задоволуваат.
Мал број студии посветени на овие категории жени покажуваат дека тие се пропорционално позастапени меѓу жртвите на насилство.
Така, една студија покажа дека жените со попреченост имаат поголем ризик да станат жртви на нивните партнери и дека тие сочинуваат пропорционално поголем удел меѓу жртвите на сексуално насилство.
-Постарите жени и оние со попреченост се недоволно застапени во повеќето достапни истражувања за насилството врз жените, што го поткопува капацитетот за задоволување на нивните специфични потреби, рече д-р Линмари Сардиња, експерт на СЗО и автор на извештајот.
Таа нагласи дека разбирањето како насилството различно влијае на различни жени и дали и како тие бараат помош, е клучно за да се стави крај на секоја форма на насилство.
Иако партнерското и сексуалното насилство сè уште е најраспространета форма, која погодува приближно една од три жени, постарите жени и жените со попреченост се изложени на овие форми и други, специфични форми на насилство, кои често се вршат од страна на старателите или медицинските работници.
Таквото насилство може да се манифестира преку принуда или доминација, како што е одбивањето на лекови, медицински помагала или други форми на грижа, како и финансиска експлоатација.
-Постарите жени и жените со попреченост можат да бидат крајно осамени кога се случува такво насилство, што им отежнува да избегаат или да пријават злоупотреба, велат од СЗО.
Според тоа, надлежните служби, како што е наведено, мора да бидат особено отворени за нивните потреби и да идентификуваат соодветни начини на кои можат да контактираат со здравствените служби и центри кои ќе им помогнат. мс/
фото: МИА архива