• понеделник, 20 мај 2024

Сеул: Северна Кореја не одговара на рутинските повици од Јужна Кореја

Сеул: Северна Кореја не одговара на рутинските повици од Јужна Кореја

Сеул, 10 април 2023 (МИА) - Северна Кореја во последните денови не одговараше на рутинските повици од Јужна Кореја упатени преку нивните директни канали за комуникација, соопшти денеска јужнокорејското Министерство за одбрана.

Причините за недостигот на одговор на стандардните повици двапати дневно меѓу службениците за врски засега не се познати, соопшти Министерството, пренесува ДПА.

Истото се случува и со воените канали за врски, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана. Засега нема објаснување од севернокорејската страна, која се чини дека еднострано го прекина контактот.

Бидејќи ниту една од страните нема амбасада или канцеларија за врски на другата страна на границата, прекуграничните повици двапати дневно претставуваат основа за комуникација при, на пример, одржување состаноци. Врската, исто така, има за цел да спречи какви било воени конфронтации.

И претходно имало случаи кога врската била прекината,или поради тоа што Северна Кореја ја прекинала комуникацијата или поради технички причини.

Тензиите се зголемуваат на Корејскиот Полуостров во последните месеци. Набљудувачите веруваат дека прекинот во комуникацијата може да биде севернокорејски одговор на заедничките воени вежби спроведени од САД и Јужна Кореја. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан