• петок, 22 ноември 2024

Седуммина Израелци уапсени поради сомневање за шпионажа во корист на Иран

Седуммина Израелци уапсени поради сомневање за шпионажа во корист на Иран

Тел Авив, 21 октомври 2024 (МИА) - Израелските обвинители соопштија дека седум Израелци се уапсени под сомневање за шпионажа во корист на Иран, пренесоа израелските медиуми. Уапсените се осомничени за извршување на стотици задачи за Техеран.

Сите се Евреи од Хаифа и северот на Израел, вклучувајќи еден војник кој дезертирал и двајца малолетници. 

Обвинителите наведоа дека осомничените се обвинети за фотографирање и собирање информации за израелските воени бази и објекти, вклучувајќи го седиштето на армијата Кирја во Тел Авив, како и воздушните бази Неватим и Рамат Давид, и локациите каде се поставени батериите на одбранбениот систем „Железна купола“.

Базата Неватим беше цел на два ирански ракетни напади оваа година во април и октомври, а базата Рамат Давид беше нападната од либанскиот Хезболах.

Обвинителите соопштија дека полицијата и истражителите на израелската безбедносна служба Шин Бет утврдиле дека осомничените извршиле различни задачи за иранските разузнавачки служби и биле во контакт со ирански агенти.

За своите активности, осомничените добиле стотици илјади долари, дел од нив и во криптовалути, според истражителите.

Канцеларијата на државниот обвинител на Израел изјави дека ова е еден од најсериозните случаи што се истражувани во последните години. Обвинителите најавија поднесување обвиненија против седумте осомничени за безбедносни прекршоци и ќе бараат да останат во притвор до завршување на правните постапки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан