• недела, 21 април 2024

Русија распоредува тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, Стејт департментот со осуда

Русија распоредува тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, Стејт департментот со осуда

Минск, 26 мај 2023 (МИА) - Русија продолжи со планот за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, чиј лидер Александар Лукашенко рече дека боевите глави веќе се во движење, што е прво распоредување на такви бомби од страна на Кремљ надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Американскиот Стејт департмент го осуди планот за распоредување, но рече дека Вашингтон нема намера да ја менува својата позиција за стратешкото нуклеарно оружје ниту видел какви било знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, наведува Еуроактив.

Рускиот претседател Владимир Путин го објави планот за нуклеарно распоредување во интервју за државната телевизија на 25 март.

„Колективниот Запад во суштина води необјавена војна против нашите земји“, изјави рускиот министер Сергеј Шојгу, на вчерашниот состанок со неговиот белоруски колега во Минск, соопшти руското Министерство за одбрана.

Западот, рече Шојгу, прави се што може „за да го продолжи и ескалира вооружениот конфликт во Украина“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко синоќа изјави дека тактичкото нуклеарно оружје веќе е во движење во согласност со наредбата потпишана од Путин, иако нема потврда за тоа од самиот Кремљ.

„Движењето на нуклеарното оружје веќе започна“, им рече Лукашенко на новинарите во Москва, каде што присуствуваше на разговорите со другите лидери на поранешните советски држави. Прашан дали оружјето веќе е во Белорусија, тој рече: „Можно е. Кога ќе се вратам, ќе проверам“.

Шојгу рече дека документите што ги потпишал во Минск се однесуваат на процесот за складирање на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер ги опиша плановите како „последниот пример на неодговорно однесување што го видовме од Русија од нејзината целосна инвазија на Украина пред повеќе од една година“.

Милер го повтори предупредувањето на Вашингтон дека употребата на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје во конфликтот ќе доведе до „тешки последици“, без да ги прецизира тие последици.

„Само ќе додадам дека не видовме причина да ја прилагодиме нашата стратешка нуклеарна положба или какви било индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје“, им потенцираше Милер на новинарите. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан