• сабота, 18 мај 2024

Русија ги обвини Гугл и Ејпл за мешање во изборите

Русија ги обвини Гугл и Ејпл за мешање во изборите
Москва, 2 септември 2021 (МИА) - Руските власти соопштија дека одбивањето на Гугл и Ејпл да ја отстранат апликацијата на затворениот критичар во Кремљ, Алексеј Навални, во пресрет на парламентарните избори, може да се смета за мешање во внатрешните работи. Парламентарните избори во земјата ќе се одржат подоцна овој месец. На речиси сите отворени критичари на Кремљ, вклучувајќи го и Навални, им беше забрането да се кандидираат. Минатиот месец, медиумскиот надзорен орган Роскомнадзор ги повика Гугл и Ејпл да ја отстранат апликацијата на Навални од нивните мрежи. Како што пренесуваат странските агенции, Роскомнадзор денеска го засили притисокот врз западните технолошки гиганти, велејќи дека би можеле да бидат гонети доколку продолжат да одбиваат да го почитуваат рускиот закон. „Предвидена е кривична одговорност за организирање, како и учество во работата на екстремистичките организации кои се забранети во Русија“, се вели во соопштението на надзорното тело објавено од руските медиуми. Неблокирањето на апликацијата „може да се оцени како мешање“ во изборите во Русија и ќе доведе до големи казни, посочуваат од Роскомнадзор. Претходно овој месец, организациите на опозицискиот лидер Навални беа прогласени за „екстремистички“ и забранети во земјата. Во меѓувреме, сите клучни фигури од овие организации избегаа. Потоа надзорниот орган забрани десетици интернет -страници поврзани со Навални, вклучувајќи ја и неговата страница navalny.com. паг/

Остани поврзан