• сабота, 18 мај 2024

Русите во 2022 главни туристи во Србија, македонските туристи на петто место

Русите во 2022 главни туристи во Србија, македонските туристи на петто место

Белград, 28 септември 2023 (МИА) - Србија лани забележа рекордни резултати по сите параметри на туризмот, а судејќи според последните податоци на Републичкиот завод за статистика (РЗС), тековната година ќе биде уште поуспешна. Лани најмногу туристи имало од Русија, додека македонските туристи се на петто место, јави дописникот на МИА од Белград.

-Од 1,7 милиони странски туристи, 12 отсто биле од Русија, девет отсто од Турција, 6,9 отсто од Босна и Херцеговина, 4,9 отсто од Германија и 4,3 отсто од Северна Македонија, соопшти РЗС.

Повеќе од половина од странците го посетиле Белград, 7,6 отсто Нови Сад, 5,3 отсто биле во бањи и 8,2 отсто на планина. Егзит го посетиле повеќе од 200 илјади туристи, Гуча околу 250 илјади, а Белградски пиво фест околу 275 илјади луѓе.

Според извештајот на РЗС, во периодот од јануари до јуни во Србија престојувале вкупно 1.849.829 туристи, од кои 956.467 домашни, а 893.362 странски.

Во првите три месеци од годинава девизниот прилив од туризмот изнесува 514 милиони евра, што е зголемување за речиси 30 отсто во однос на претходната година, а во првите седум месеци оваа бројка достигна над 1,3 милијарди евра, што е, за околу 100 милиони евра повеќе во однос на истиот период од претходната година, што е раст од над осум отсто.

Европската туристичка комисија во својот извештај ја наведе Србија како прва според зголемувањето на бројот на ноќевања на странските туристи, потоа Бугарија, Црна Гора и Турција, додека Европа е со 95 отсто од прометот што го имала во 2019 година.

Во периодот од јануари до јуни 2023 година, Србија ја посетија странски туристи од околу 50 различни земји, додека над 80 отсто од ноќевањата ги оствариле туристи од Европа.

По Русите, кои забележале над 346 илјади ноќевања, најбројни гости биле од Турција (217 илјади), Босна и Херцеговина (повеќе од 166 илјади), Северна Македонија (над 140 илјади), Кина (130,3 илјади), Германија ( 117 илјади ) и Романија (над 113 илјади). Ноќевањата на туристите од овие седум земји сочинуваат речиси половина од вкупниот број реализиран во првата половина на 2023 година.

Како една од причините за големиот број туристи од Русија, од Туристичката организација на Србија посочуваат дека е тоа што има директен лет од три дестинации од Русија за Србија, напоменувајќи дека станува збор за платени ноќевања во категоризирани сместувачки капацитети, во кои не спаѓаат изнајмени станови за престој. об/мс/

Остани поврзан