• сабота, 11 мај 2024

Рекордна крводарителска акција во Виница, собрани 108 единици со крв

Рекордна крводарителска акција во Виница, собрани 108 единици со крв

Виница, 28 февруари 2024 (МИА) – Рекордни 108 единици со крв беа собрани на денешната крводарителска акција што ја организираше општинската организација на Црвен крст од Виница.

Акцијата се спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, а меѓу големиот број млади кои дојдоа во просториите на Црвениот крст имаше и 16 коишто за прв пат даруваа крв.

- Ова е втора акција за крводарување годинава и уште на самиот почеток се покажа дека ќе биде една од најуспешните, со оглед што вообичаено во просек имаме по осумдесетина учесници. Тоа само ги потврдува нашите очекувања дека ќе го повториме минатогодишниот успех, кога планот за крводарување го исполнивме со 293 отсто. Голема поддршка во реализацијата на крводарителските акции и другите активности имаме од четирисетина најактивни волонтери, потоа од локалниот бизнис сектор, како и од Општината која во рамки на своите буџетски можности за годинава обезбеди 120 илјади денари, истакна Маја Спасова, координаторка за крводарителство во Црвен крст – Виница.

Со планот за крводарување за 2024 година, виничкиот Црвен крст има зацртано 14 акции што ги организира во своите простории, од кои очекува да обезбеди околу 1.300 единици крв.

Во рамки на активностите планирани се и десетина едукативни мотивициски работилници за мобилизирање и регрутирање нови млади крводарители од општината. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан