• вторник, 24 декември 2024

Зијадин Сеља: Ново уредување на уставниот поредок една од темите на Централното претседателство на АА

Зијадин Сеља: Ново уредување на уставниот поредок една од темите на Централното претседателство на АА

Гостивар, 24 јули 2024 (МИА) – Идејата на „европскиот фронт“ за ново уредување на уставниот поредок на државата, е една од темите за кои лидерот на Алијанса за Албанците (АА) Зијадин Сеља ќе разговара со сопартијците на Централното претседателство што се одржува во Гостивар.

Ова го соопшти вечерва на прес конференција пред почетокот на заседавањето на Централното претседателство претседателот на АА, Сеља, кој смета дека не била испочитувана волјата на гласачите по последните избори при формирањето на владеачката коалиција. 

- Ние наоѓаме начини и за нив треба да го информираме членството и ангажираме експерти за да се заштити она што е свето, гласот на секој граѓанин без разлика на неговата, етничка или политичката припадност, рече Сеља на прес конференцијата.

Според него, дебатата за новото уредување на уставниот поредок ја отворил актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кога, како што рече, се повикал на легитимитетот кај Македонците за време на последните избори.

- Албанците се една третина од вкупното население во државата и заедно со другите етнички заедници, тие се околу половина. Оваа тема ја отвори Христијан Мицкоски и ВМРО - ДПМНЕ. Ние само даваме одговор на ваквите теми кои се отворени. И нормално дека планираме ваквите теми да разгледуваме и да имаме наша понуда со која уставниот поредок на Северна Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност која Северна Македонија ја има, рече Сеља.

Лидерот на АА во оваа прилика го критикуваше актуелниот премиер Мицкоски дека си зел за право да формира власт со, како што рече, губитници од албанскиот блок, што според него нема гаранција дека утре, после нови избори, нема да земе во власт ниту една организирана политичка албанска партија, туку ќе земе само индивидуи.

Лидерот на Алијанса за албанците, Зијадин Сеља, по прес конференцијата им се придружи на сопартијците и заседаваше со Централното претседателство. Во Гостивар вечерва освен за политичката состојба, на цестралното претседателство ќе се разговара и реструктурирање на партијата. Според Сеља, поголемиот дел од членството останал, но има потреба од формирање на структурите во ограноците и самата партија. згм/цр

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан