• петок, 26 април 2024

Регионалната депонија и проблемот со кучињата-скитници главни теми на дискусија на денешната седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Регионалната депонија и проблемот со кучињата-скитници главни теми на дискусија на денешната седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Охрид, 30 март 2023 (МИА) – Актуелните прашања по однос реализацијата на проектот за изградба на регионална депонија за одлагање и третман на комуналниот отпад, како и проблемот со кучињата-скитници, беа главни теми на дискусија во рамки на денешната 9-та Седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион одржана во Охрид.

„Во контекст на овие жешки теми за Регионот, членовите на Советот за развој се договорија да се оствари средба со министерот за животна средина, Каја Шукова, со цел да бидат запознати со досегашните процеси, при што приоритено е да се интензивира нивното решавање бидејќи истите се сериозен проблем за најзначајниот туристички регион во држава. Договорено е да бидат искористени можностите за изработка на техничка документација за изградба на еден или два стационари во Регионот каде што би се пристапило кон хумано решавање на проблемот со кучињата-скитници“, информираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Членовите на Советот бараат да бидат запознати и со активностите насочени кон решавање на прашањето на одлагањето и третманот на комуналниот отпад за Југозападниот и Пелагонискиот регион, а за за што се обезбедни средства преку заем од ЕБРД и дел од донаторската зедница.

Според последните информации, за оваа година е предвидена набавка на возила, контејнери и корпи за отпадоци и почеток за работите за изградба на трансфер-станиците, со цел потоа да отпочнат работите од првата фаза од изградба на регоналната депонија во Новаци.

На Седницата со која која претседаваше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, беа разгледувани и едногласно усвоени Предлог-одлуката и одлуката за усвојување на Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој на Југозападниот плански регион за 2022 година со интерен финансиски извештај и Предлог-одлуката и одлуката за усвојување на годишните сметки за работењето на Центарот за развој на Југозападниот плански регион во 2022 година и за проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој-II фаза на спроведување“.

На седницата на која присуствуваа градоначалниците на општините од регионот, претставници на општинската администрација и претставници на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.беше презентирана и информација во врска со реализацијата на тековни проекти и доставени проектни апликации за предлог регионални проекти кај Бирото за регионален развој по Програмата за рамномерен регионален развој.

Очекувањата на Регионот се оваа година да отпочнат најавените крупни инвестициски проекти за реконструкција на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид и центарот за нефрологија во Струга. Покрај тоа, значајни инвестиции ќе има за решавање на енергетските и проблемите со енергетската ефикасност на јавните објекти, како и подобрување на патната инфраструктура, за што се обезбедени околу сто милиони денари од домашни и донаторски извори, потенцираат од Центарот за развој на Југозападен плански регион. аб/

Фото: МИА

 

Остани поврзан