• вторник, 19 ноември 2024

Ковачевски: Нема откажување од иднината и борбата за напредна и прогресивна држава

Ковачевски: Нема откажување од иднината и борбата за напредна и прогресивна држава

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва од централниот митинг во Чучер Сандево порача дека нема откажување од иднината и борбата за напредна и прогресивна држава. Тој ги повика граѓаните да излезат на 8 мај и својот глас да го дадат за коалицијата за европска иднина и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

- Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед до 8 мај. Разбравме каде сме грешеле, имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите прогресивни работи за државата и ја ослободивме државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада, рече Ковачевски.

Тој ги повика граѓаните заедно да ја пренесат пораката за напредна држава во која сите се почитуваат и во која ќе има подобар животен стандард.

-Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес. Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, истакна Ковачевски.

Носителот на кандидатската листа во Втората изборна единица Оливер Спасовски рече дека пораката е примена, слушната и дека единствената вредност во државата е секогаш да бидете рамо до рамо со својот народ.

- Ние сме тука, посветени заедно за отворање на перспективите на државата. Имаме два кандидата со два концепти застапувани периодов. Сметам дека треба да се концентрираме да обезбедиме победа за Стево Пендаровски во наредниот период, човек кој цврсто го држи кормилото на Македонија. Не ни личи нам да застанеме и да не се бориме, не застанавме кога зависеше дали ќе останеме живи на 27 април, останавме цврсти, успеавме да се сруши режимот, рече Спасовски.

Повика на масовно гласање за европската иднина на државата на 8 мај. - Верувам дека со многу енергија и посветеност, да оствариме националниот интерес, да биде дел од европското семејство, да ги донесеме европските вредности во институции, со реформи кои значат подобри услови за животи, подобра инфраструктура, подобро земјоделие, подобри меѓучовечки односи. Ние мора да ја добиеме најважната битка против криминалот и корупцијата токму преку тие европски вредности, рече Спасовски.

Потпретседателот на СДСМ и коносител на кандидатската листа во Втората изборна единица Фатмир Битиќи напомена дека на 8 мај се почнува од почетокот и гласовите ќе се бројат од нула.

- Борбата не е завршена. Секој од нас има втора шанса да се вклучи енергично, со верба во себе и во СДСМ и да го промени текот на настаните. Ова од нас го бараат нашите деца, нашата држава,  ова го бараат за да им ја заштитиме иднината, рече Битиќи.

Според Битиќи, потребен е поглед напред, кон визијата за просперитетна и сплотена држава, членка на ЕУ и со силен економски раст.

-Упатувам повик за будење на сите прогресивни сили во нашата земја. Време е за уште повеќе средби со граѓани, да работиме за поголема поддршка, да ја испратиме нашата порака до секој еден граѓанин. Не е време за повлекување, за откажување. Обединети сме и ќе застанеме заедно – нема да дозволиме никој да ни ја раздели партијата или државата. Не се откажуваме ни од иднината а ниту од прогресивноста на заедништвото, истакна Битиќи.

Пораката е примена, слушната, тоа е дека единствената вредност во државата е секогаш да бидете рамо до рамо со својот народ. Ние сме тука, посветени заедно за отворање на перспективите на државата. Имаме два кандидата со два концепти застапувани периодов. Сметам дека треба да се концентрираме да обезбедиме победа за Стево Пендаровски во наредниот период, човек кој цврсто го држи кормилото на Македонија. Не ни личи нам да застанеме и да не се бориме, не застанавме кога зависеше дали ќе останеме живи на 27 април, останавме цврсти, успеавме да се сруши режимот. бт/бак/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан