Реал Мадрид ќе претстави свој предлог за судиски реформи во Шпанија
- Раководството на Реал Мадрид следната недела ќе го претстави својот предлог за нов судиски систем
![Реал Мадрид ќе претстави свој предлог за судиски реформи во Шпанија](https://mia.mk/images/20250214141121_big_730x400_33.webp )
Мадрид, 14 февруари 2025 (МИА) - Раководството на Реал Мадрид следната недела ќе го претстави својот предлог за нов судиски систем.
Минатата недела Реал Мадрид испрати писмо од четири страници до претседателот на РФЕФ, Рафаел Лусан, во кое се жали дека судиите во Ла Лига се „корумпирани, манипулирани и биле заслужни за изгубени трофеи“. Потег кој наиде на голема реакција кај останатите тимови во Шпанија. Ла Лига испрати и официјална жалба до Комисијата за натпреварување во врска со писмото, за што „лос бланкос“ може да бидат казнети.
Според „Кадена СЕР“, тимот од Мадрид ќе претстават сопствени реформи за шпанското судење на фудбалски натпревари. Во нивното писмо се бара секој од судиите инволвирани во периодот на администрацијата на потпретседателот на Судиската комисија, Хозе Марија Хенрикез Негреира, кој е под истрага за корупција во спортот, да биде отпуштен. Нивниот нов предлог, сепак, ќе се фокусира на „транспарентноста“ и особено на обезбедување дека разговорите во „ВАР-собата“ ќе станат јавни.
Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас го обвини Реал Мадрид дека не сака да го промени судискиот систем, туку да го контролира. Лусан најави и дека доаѓаат „структурни промени“ во судискиот систем, пред минатонеделниот состанок, на кој беа вклучени Ла Лига, Судиската комисија и клубовите - Реал Мадрид одлучи да не присуствува.
Тренерот на „белите“ Карло Анчелоти прокоментира дека она што клубот го бара се објаснувања и подобрувања, но многумина прашаа зошто Реал не биле присутни на состанокот наменет за ова. Покрај тоа, клубовите како Севиља, Осасуна и Атлетико Мадрид силно го изразија своето незадоволство од мадридскиот тим поради ова прашање. дс
Фото: Архива