Ракометен камп за деца „40х20“ во Охрид
- Деведесет девојчиња и момчиња од летири држави се учесници на четвртото издание на ракометниот камп „40х20“ што од вчера се одржува во Охрид.
Охрид, 7 јули 2025 (МИА) – Деведесет девојчиња и момчиња од летири држави се учесници на четвртото издание на ракометниот камп „40х20“ што од вчера се одржува во Охрид.
Станува збор за активност во рамки на проектот „Ракомет за секое дете“, што го сочинуваат уште и школата за ракомет, како и Јуниор Куп – турнир во мини-ракомет.
Децата на возраст од седум до 17 години уште вчера веднаш по пристигнувањето ги одработија и првите попладневни тренинзи на брегот на Охридското Езеро. Тие наредните шест дена ќе имаат можност да ги усовршуваат своите ракометни вештини, да учат за спортот, да се дружат и да создадат нови пријателства
„Повозрасните кампери работат на индивидуална надградба со 15 тренери од земјата и странство, додека помладите се воведуваат во основите на ракометот, тимската работа и спортската дисциплина. Кампот има и силен едукативен карактер, со предавања, посебни активности и прошетки низ Охрид, изјави Горан Ѓоргоноски од организацијата на Кампот.
Новина оваа година е организирањето промотивни активности на охридскиот плоштад, каде најмладите кампери ќе одиграат натпревари во мини-ракомет со свои врсници од Струга и Охрид. аб/дма/
Фото: КМГ