• недела, 22 декември 2024

Пронајден легендарниот брод „Квест“ што потонал пред 60 години

Пронајден легендарниот брод „Квест“ што потонал пред 60 години

Отава, 13 јyни 2024 (МИА) - Трагачи по потонати пловила на дното на морето кај Канада и Гренланд го пронајдоа бродот што го користел познатиот британско-ирски поларен истражувач Ернест Шеклтон за неговото последно патување.

Станува збор за „Квест“ (потрага), којшто се наоѓа под морето близу брегот на Њуфаундленд во Канада. На Шеклтон му се случил срцев удар додека бил на тој брод и починал на 5 јануари 1922 година, при обид да стигне до Антарктикот. Авантуристот се прославил благодарение на неговите истражувачки патувања до замрзнатиот континент. „Квест“ продолжил да плови до потонувањето во 1962 година, а неговата поврзаност со истражувачот му дава поголемо историско значење.

- Неговото последно патување стави крај на „истражувачко-херојската“ ера на експедициите кон поларниот југ. После тоа дојде научната ера. Во „пантеонот“ на поларни бродови, „Квест“ е дефинитивно икона, изјави познатиот „ловец“ на потонати бродови Дејвид Мернс, кој ја предводеше успешната потрага по „Квест“.

Остатоците од 38 метри долгиот параброд се откриени на дното на Лабрадорското Море во неделата, благодарение на тимот на Кралското канадско географско друштво. Пловилото било на длабочина од 390 метри, и било речиси исправено на дното. Главниот јарбол е скршен и виси над палубата, но се чини дека бродот е главно сочуван.

На крајот од својот животен век, „Квест“ го користеле истражувачи од Норвешка. Бродот потонал поради санта мраз што го пробила и го испратила во длабочините. Инаку, Шеклтоновиот „Ендјуранс“ - бродот што го користел истражувачот за познатата несреќна „Империјална трансантарктичка експедиција“ меѓу 1914. и 1917 година, потонал поради исто оштетување. А, многумина кои го преживеаја потонувањето на „Ендјуранс“, исто така, учествувале и во последната поларна мисија на Шеклтон, меѓу 1921. и 1922 година.

„Квест“ се користел и за спасување на Арктикот, во служба на Кралската канадска морнарица во Втората светска војна пред да им биде предаден на морнарите. При втората посета на потонатиот брод оваа година, ќе се изврши целосна истрага.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан