• понеделник, 22 јули 2024

Промоција на книгата „Срма за Ацо Шопов“

Промоција на книгата „Срма за Ацо Шопов“

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Книгата „Срма за Ацо Шопов“, издание на здружението „Македониум“ од Белград, ќе биде промовирана вечер од 19 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.

Како што информираат од здружението, книгата е збирка на песни и есеи на македонски и српски јазик, инспирирани од ликот и делото на Шопов, пристигнати на литературен конкурс што ова здружение го распишало на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - 21 февруари, а по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

- На конкурсот пристигнаа преку 200 песни и 10-тина есеи, од речиси 90 автори од целиот регион. Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Словенија. И насловната страна на книгата е авторско дело на сликарката Елизабета Јорданоски од Белград, инспирирана од шоповата „Небиднина“. Рецензенти на книгата се Гордана Влајиќ, заменик претседател на Друштвото на писателите на Србија и Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, се наведува во соопштението.

Книгата е издадена со помош и поддршка на македонските министерства за култура и надворешни работи, српското Министерство за човекови и малцински права и општествен дијалог, Покраинскиот секретаријат за култура, информирање и односи со верските заедници, како и Македонскиот национален совет во Србија. Програмата се организира со помош на Агенцијата за иселеништво.

Во програмата предвидено е учество на застапените автори во книгата од нашата држава, актерката Наде Дојкоска, а се очекува и присуството на Јасмина Шопова.

- Здружението „Македониум“ од Белград работи и придонесува во афирмацијата на македонското културно наследство на национален и меѓунационален план, преку примерот на Ацо Шопов, се истакнува во писмената изјава на Зорица Митровиќ, претседателка на здружението и автор на овој проект. бд/вг/

Фото: Здружение „Македониум“

Остани поврзан