• петок, 22 ноември 2024

Претставата „За нас почнува живот“ на Драмски театар в среда во Вевчани

Претставата „За нас почнува живот“ на Драмски театар в среда во Вевчани

Вевчани, 22 јули 2024 (МИА) - Во рамките на „Вевчанско лето“ 2024 в среда, во дворот на детската
градинка „Планински цвет“ ќе биде изведена претставата „За нас почнува живот“ во изведба на
актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.

Претставата, како што соопшти Драмски театар, е создадена по мотив од романот „Прав“ од Ѓерѓ
Шпиро. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, асистент на режија е Дамјан Димовски, костимограф Марија Папучевска, а музиката е на Горан Трајкоски. Плакатот и видеоматеријалот за претставата се изработени од Стојан Стојановски.

Во програмската белешка, режисерот Пројковски, упатувал дека претставата е и смешна и тажна,
бидејќи, таков е животот. „За нас почнува живот”, според информацијата, е претстава за човекот,
за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден, што работи со нас, што ни е роднина, за
оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото.

- Во претставата маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму... Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото, вели режисерот Пројковски.

Авторот Ѓерѓ Шпиро е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Тој е професор на Академијата за драмска и филмска уметност во Будимпешта и член на Унгарската академија за книжевност и уметност. За неговите драми, добитник е на голем број меѓународни награди и признанија. Ѓерѓ Шпиро повеќе пати ја освојувал и главната награда за „Најдобра унгарска драма на годината“.

Театарската публика, претставата „За нас почнува живот” ќе може да ја следи на сцената на Драмски театар Скопје од септември.

„Вевчанското лето“ почна на 25 јуни и ќе трае до 31 август, а целта е да го збогати културното живеење на жителите и посетителите на Вевчани. сс/дма/


Фото: Драмски театар

Остани поврзан