• понеделник, 22 јули 2024

„Американска приказна“ - концерт на оркестарот ФАМЕ’С со виолинистката Ирина Мурешану

„Американска приказна“ - концерт  на оркестарот ФАМЕ’С  со виолинистката Ирина Мурешану

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Во рамки на фестивалот  „Скопско лето“, вечер од 20:30 часот во Сули ан концерт ќе одржи ФАМЕ’С Институт оркестарот насловен „Американска приказна“ на кој солистка ќе биде американската виолинистка со романско потекло Ирина Мурешану. Ќе бидат изведени популарни класични дела од американски композитори под водство на диригентот Скот Флавин од САД.

Како што најави организаторот на фестивалот, Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), меѓу делата кои ќе бидат изведени на концертот се и  „West Side Story“ од Бернштајн, во верзија за виолина и оркестар, и „Appalachian Spring“ од Копланд, како и популарни композиции од Скот Џоплин и Хенри Манцини.

-Овој концерт ќе биде заокружување на летната сесија на оркестарските курсеви во рамките на ФАМЕ’С  - европски окрестарски изведувачки институт кој претставува музички образовен центар создаден во рамките на компанијата ФАМЕ’С  која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Институтот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа, во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Паневропски културни ентитети, соопшти ДКУС. 

Диригентот Скот Флавин е музичар со сестрана кариера и диригира со различни оркестри во САД и ЕУ. Неодамна е назначен за постојан диригент за престижниот оркестар Symphony of the Americas. Тој е и постојан диригент на орекстарот на Хенри Манцини институтот и настапува со повеќе уметници. Професор е на Eastern Music Festival, каде што предава заедно со познатиот диригент Џерард Шварц.

За виолинистката од САД со романско потекло Ирина Мурешану, која ќе биде солист на вечерашниот концерт, ДКУС посочува дека е подеднакво барана на двете страни на Атлантикот, настапувајќи низ САД, Канада, Карибите, Европа, Азија и Јужна Африка. Таа е  активен камерен музичар и солист и е член на Бостонското трио. Вонреден професор е на Факултетот за музика и придружниот факултет на Институтот за напредни компјутерски студии на Универзитетот во Мериленд, факултетите на Бостонскиот конзерваториум во Беркли и на музичките катедри на Харвард и МИТ.

-Таа има престижна диплома за уметник и доктор по музички науки од Конзерваториумот Њу Ингланд, каде студирала со легендарната француска виолинистка Мишел Оклер... Ирина Мурешану цврсто се етаблира како вешт уметник за снимање музика, а нејзините авантуристички програми и тематски концепти ја дефинираат како солист и камерен музичар. Лауреат и добитник на врвни награди на неколку престижни меѓународни натпревари за виолина... Сезоната 2023-2024 на г-ѓа Мурешану, покрај настапите во Франција, Србија, Кајманските Острови, Молдавија, голем број фестивали во Соединетите Држави, ја вклучува и Македонија, и тоа со неколку концерти, наведува организаторот на „Скопско лето“. хс/бак/

Фото: Дирекција за култура и уметност-Скопје

 



Остани поврзан