• понеделник, 06 април 2026

„Есента на животот“ - нов роман од Бернхард Шлинк

„Есента на животот“  - нов роман од Бернхард Шлинк

Скопје, 6 април 2026 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Или-Или“ го објави преведен на македонски јазик новиот роман на германскиот автор Бернхард Шлинк -  „Есента на животот“, трогателна и мудра приказна за простувањето, семејството и уметноста да се живее -  дури и кога времето истекува.

Главниот лик,  76-годишниот Мартин, се соочува со немилосрдна дијагноза: му остануваат само неколку месеци од животот. Неговата најголема грижа не е самиот крај, туку оние што ги остава зад себе – младата сопруга и малиот син. Во обид да пренесе нешто што ќе трае подолго од неговото присуство, Мартин почнува да пишува писмо – водич низ животот, исполнет со размисли за љубовта, верата, потеклото и смислата. Но, додека се обидува „сè да направи како што треба“, животот и натаму го изненадува со нови предизвици и вистини што не може да ги избегне.

-Романот е уште едно ремек-дело од мајсторот на пишаниот збор и одличен проникнувач во скриените одаи на човековата психологија, кој има препознатлив јасен и длабоко човечки стил. Преводот од германски на македонски јазик е на Ксенија Чочкова, а излегувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам, соопшти „Или-Или“.

Бернхард Шлинк (1944, Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература. Писателската кариера ја почнал со крими-романи, за кои добил повеќе награди.

-За својот прв роман со некриминална тематика, „Читачот“, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, Шлинк доби бројни награди и признанија. Потоа ги објавил романите „Враќање дома“, „Викенд“, „Жената на скалите“, „Олга“, „Внука“, како и збирките раскази „Бегства од љубовта“, „Летни лаги“ и „Боите на разделбата“. „Есента на животот“ е неговиот најнов роман, се наведува во соопштението. хс/вј/

Фото: Издавачка куќа „Или-Или“

Остани поврзан