• понеделник, 06 април 2026

„Читаме денес за подобро утре“ – зелена акција на издавачка куќа „Сакам книги“

„Читаме денес за подобро утре“ – зелена акција на издавачка куќа „Сакам книги“

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Издавачката куќа „Сакам книги“ денеска ќе донира садници во мегапаркот во Карпош и организира акција за пошумување, во соработка со Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило. Соопшти дека со оваа зелена акција ќе придонесе за збогатување на урбаното зеленило и дека поставува нов стандард во издаваштвото.  Настанот е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, со кој е предвидено 10 проценти од продажбата на книгите да бидат наменети за садење дрвца во Скопје.

-Ова е прва акција од ваков тип кај нас, во која една издавачка куќа, како голем потрошувач на хартија, свесно одлучува да ѝ врати на природата, заедно со своите читатели. Веруваме дека ова нема да биде единствен чекор, туку почеток на една нова пракса, изјави Ивана Спасев, главен уредник во „Сакам книги“ и лидер на проектот „Со љубов, од Европа“.

Како што соопшти издавачката куќа, секој што ќе купи книга од оваа европска едиција директно донира средства за пошумување на Скопје, а целта е  да се поттикне двојна свест - грижа кон природата и љубов кон читањето, вредности што идните генерации треба да ги носат како приоритет. 

Проектот „Со љубов, од Европа“  почнува со 16 избрани наслови од 13 европски земји, напишани на помалку застапени јазици и од автори кои првпат се преведуваат на македонски. Секое дело носи автентична перспектива и отвора важни општествени теми – од ментално здравје и родова еднаквост, до инклузија, диверзитет и климатски промени.

- Паралелно со книжевната понуда, проектот вклучува конкретни активности што имаат директно влијание во заедницата: пошумување и зелени акции во Скопје, поставување маалски минибиблиотеки за долгорочна достапност на книги и поддршка на украинската литература преку донации и културни настани за бегалците, се наведува во соопштението. 

Она што го прави овој проект посебен, велат од „Сакам книги“, е интегрираниот пристап кон одржливост - книгите се печатат на рециклирана хартија и ќе бидат достапни и во електронска форма. Дополнително, ќе се развиваат и практики што поттикнуваат одговорно однесување, како иницијативата „Со велосипед до книжарница“, употреба на еколошки материјали и промоција на одржливо работење.

-Со оваа акција „Сакам книги“ јасно се позиционира како компанија што не само што создава културна вредност, туку и презема одговорност за своето влијание врз општеството и животната средина. Во индустрија што директно зависи од природните ресурси, овој чекор претставува силна порака дека успехот не се мери само во продадени тиражи, туку и во придонесот кон заедницата, соопшти издавачката куќа. хс/ац/

Фото: „Сакам книги“ 

Остани поврзан