• понеделник, 06 април 2026

МНТ со претставата „Народен пратеник“ гостува на фестивали во Велес и Пожаревац

МНТ со претставата „Народен пратеник“ гостува на фестивали во Велес и Пожаревац

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, денеска ќе гостува на петтото издание на фестивалот „Петре“ (5-ре) во Велес, а в среда (8 април) со оваа претстава МНТ ќе гостува и на  30. фестивал „Актерски свечености - Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац, Србија.

Оваа претстава  е изведена на голем број сцени во регионот. Има гостувано во Народното позориште во Белград, во Црногорско народно позориште во Подгорица и во повеќе театри во Босна и Херцеговина, како и на фестивали, меѓу кои и на реномираниот „Стериино позорје“ во Нови Сад. 

-„Народен пратеник“ има добиено голем број значајни признанија, помеѓу кои: главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Врање, највисокото фестивалско одликување и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра, доделена на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад, информира МНТ. 

Во претставата „Народен пратеник“ играат актерите: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), настапува и ансамблот на Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили. хс/вј/

Фото: Македонски народен театар 

Остани поврзан