Продолжува реконструкција на внатрешноста на спортската сала во Куманово
- Продолжува реконструкцијата на спортската сала во Куманово, соопшти денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Куманово, 30 март 2024 (МИА) - Продолжува реконструкцијата на спортската сала во Куманово, соопшти денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
-Нашата гордост, спортска сала добива нов лик, продолжува целосна реконструкција. Се гледаме на 11-ти ноември на пуштањето во употреба, информираше Димитриевски.
Спортската сала во Куманово веќе извесен период етапно се реконструира. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините, следуваше реконструкција на салата наменета за бокс, претходно се санираше кровната конструкција.
Општината лани спроведе три јавни набавки за реконструкција на внатрешноста на салата - во декември, мај и февруари. Општина Куманово за последната реконструкција одвои 13, 9 милиони денари за реконструкција на дел од столарија, надворешно и внатрешно уредување на спортска сала. Договорот, како што е објавено на електронскиот систем за јавни набавки, е склучен лани во декември. Во мај 2023 година за делумна санација беа одвоени над 14,7 милиони денари. Претходно, и во февруари општината од буџетот издвои скоро четири милиони денари. Во 2021 година беа одвоени скоро 12,3 милиони денари за внатрешно уредување на салата.
Кон крајот на декември 2021 година заврши санацијата на кровната конструкција на спортската сала која се спроведуваше преку проект од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020 година со учество на општина Куманово. За проектот беше потпишан договор за градба. Средствата во вредност од 23 милиони 430 илјади денари беа обезбедени преку програмата, а општината учествува со 830.000 денари.
Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата во 2019 година ѝ ги врати во владение на општина Куманово, откако претходно со нив менаџираа приватни стопанственици.ам/фф/
Фото: Општина Куманово