• понеделник, 15 јули 2024

Продолжени санкциите на ЕУ кон Иран поради поддршка на Русија и на милитанти на Блискиот Исток 

Продолжени санкциите на ЕУ кон Иран поради поддршка на Русија и на милитанти на Блискиот Исток 

Брисел, 15 јули 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување за уште една година, до 27 јули 2025-та, на рестриктивните мерки кон Иран воведени поради неговата воена поддршка на руската инвазија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море.  

Со санкциите од овој пакет во моментов се опфатени на 12 поединци и девет субјекти. На стационираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а забрането е и директно или индиректно да им бидат обезбедувани или ставани на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица опфатени со мерките им е забрането патување во ЕУ. 

Во заклучоците од заседанието на Европскиот совет од 21 и 22 март годинава, беше упатен повик до трети страни, вклучително и Иран, веднаш „да престанат да даваат материјална поддршка за руската агресивна војна против Украина“. Дополнително во заклучоците од состанокот на Европскиот совет од 17 и 18 април 2024 година, беше повторена посветеноста на ЕУ за воведување дополнителни рестриктивни мерки кон Иран, особено во однос на испораката на дронови и ракети на Русија.  

Неполн месец подоцна, Советот го прошири опсегот на рамката на ЕУ за рестриктивни мерки поради воената поддршка на Техеран за руската инвазија кон Украина, со опфат и на испораката на дронови и ракетите за Русија и за вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море, со што се забранува извоз во Иран на делови и компоненти што би можеле да се користат за развој и производство на беспилотни летала. 

Дополнително во текот на мај и јуни со режимот на санкции на ЕУ беа опфатени уште шест поединци и четири субјекти од Иран. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан