• сабота, 23 ноември 2024

Прилепски Комуналец има проблем со отпадната пластика, селекцијата на отпадот најважна

Прилепски Комуналец има проблем со отпадната пластика, селекцијата на отпадот најважна

Прилеп, 18 ноември 2023 (МИА) - Прилепски „Комуналец“ со месеци не може да најде решение за отпадната пластика. Големи количества стојат во одделението за рециклирање и се прават трошоци. Извозот на пластиката е драстично намален, речиси не откупуваат фирми во земјава.  

Прилеп е лидер во селектирањето на отпадот. Од ЈКП „Комуналец“ предлагаат државата да помогне во отворање рециклирачки центри. Инаку, годишно се селектираат до 1200 тони пластика и хартија.

- Имаме огромни количества отпадна пластика кои ги чуваме во одделението за рециклирање. Тоа се трошоци, а не може да надоместиме о продажбата и откупот на пластиката. Се надеваме дека ќе се отвори пазарот и оние откупни компании кои го откупуваат овој отпаден материјал од нашето комунално претпријатие со поголем интензитет ќе купуваат отпаден материјал од нас и ќе го пласираат на странскиот пазар кој самите го обезбедуваат. Државата да поттикне некоја стимулација кон приватните компании, да инвестира во пронаоѓање на нови пазари за пласман на тој отпаден материјал, вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“.

За општините од Југозападниот регион ќе се гради регионалната депонија во Новаци. Во Прилеп ќе биде претоварен центар за четири општини: Крушево, Кривогаштани, Долнени и Прилеп. Многу е битна селекцијата, зашто, ако не се селектира, поскапо ќе чини да се носи повеќе отпад во регионалната депонија. Ќе се селектира и биоразградливиот отпад. Затоа, покрај досегашните две, е предвидена и трета канта за домаќинствата за селектирање на тој вид отпад.

- Ќе се селектира целиот оној биоразградлив материјал, кој може во иднина да се користи за компостирање. Дали ќе биде целиот материјал комплетно, или ќе биде поделен во храна и остатоци од храна, и оној зелен дел кој исто така може да служи во процесот на компостирање. Во региоалната депонија ќе се носи само неселектираниот отпад. Колку повеќе се селектира, толку ќе биде поевтино одложувањето на отпадот, објаснува Абрашоски.

Кај градската депонија Алинци е предвидена компостара, а до неа и фабрика за секундарна селекција на отпадот. ем/цр

Фото:МИА

Остани поврзан