• понеделник, 30 декември 2024

Претседателските кандидати ветија намалување на корупцијата, различни ставови за реформите во судството

Претседателските кандидати ветија намалување на корупцијата, различни ставови за реформите во судството

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Претседателските кандидати вечерва во предизборното соочување на Националниот сервис ветија намалување на криминалот и корупцијата, но имаат различни ставови за постоење на Судскиот совет и реформи во судството.

Според кандидатката на „Левица“ Билјана Ванковска, актуелниот претседател потпиша Закон кој практично ја стимулира корупцијата со измените на Кривичниот законик.

- Потребен ни е институционален систем, а не ваква мазохистичка надворешна некаква ветинг машина што ќе прочистувала, што само не прави тотално неспособни. Дури и правосудниот систем, органите на прогон, сите што се надлежни за тоа, треба да си ја вршат работата, рече Ванковска.

Претседателскиот кандидат на ДУИ и Европскиот фронт Бујар Османи рече дека мора да ставиме ѕид на руското влијание тука, и да се сконцетрираме на вистинската корупција со која се соочуваат нашите граѓани.

-Како министер за надворешни работи, се инспирирав од сертифицирањето што го дава НАТО и го проширирив тоа на ниво на МНР. Тие што неможат да добијат сертификат, не може да бидат амбасадори. Тоа сакам сега да го проширам и на министри, судии, обвинители, додаде Османи.

Кандидатот на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари посочи дека рак рана на македонското општество е довербата во судството. Тој напомена дека довербата во судството е само 2 проценти, а тоа како што рече, е резултат на досегашното владеење на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

-Правдата треба да излезе на виделина. Јас мислам дека постојат структури во државата кои што не дозволуваат овој систем кој што создава монтирани случаи, некако да се тргне и да не функционира, додаде Таравари

Кандидатот на ЗНАМ- За наша Македонија, Максим Димитриевски смета дека кај нас политичката корупција е главниот стимулатор за целосна корупција во државата.

-Коридорот 8 - 160 милиони евра, фабриката за возилата кои што не ги ни видовме, Бехтел и Енка, тоа се класични примери на корупција и дефинитивно потврдува дека сето тоа си го договара политичката елита. Мора да се врати правдата и казнивоста во државата, потенцираше Димитриевски.

Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски е на ставот дека ветингот мора овој пат да биде задолжителен.

-Ветингот мора да биде задолжителен и јас во тоа мојата лична одговорност ја гледам. Мораме во склад со нашето домашно законодавство, најпрвин да ги провериме имотите на политичарите, мислам дека има многу дувло, не мислам дека има еден центар, мислам дека за жал се зафатени во повисоки центри и во судството и во обвинителството и во политиката, додаде Пендаровски.

Кандидатката за претседател на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова за време на дебатата потенцираше дека владеењето на правото е урнисано, а корупција и криминал има во секој поглед.

-Потребна е политичка волја за спречување на корупцијата. Претседателите се директно вклучени, преку именување на двајца членови на Судскиот совет луѓе кои директно учествуваа во оневозможување на завршување на определени процеси, тогаш имате одговорност, подвлече Силјановска-Давкова.

Според кандидатот на ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, политиката треба да се тргне од судството и од обвинителството.

-Треба да им создадеме материјални услови за работа. Не може да бараме резултати од нив, а немаме доволно обвинители, немаме доволно истражители, немаме доволно судии. Сакаме со политика, со политичка хајка да правиме ветиг, да ги вразумуваме судиите, да правиме судство како што не треба, сакаме повторно да имаме специјално обвинителство. Ќе се научиме ли еднаш дека на тие институции кои ги имаме, треба да им ги дигнеме материјалните капацитети, рече Јакимовски. бт/нд/

Фото: Принтскрин
 

 
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан