• понеделник, 06 мај 2024

Премиер лигата најавува чекор понатаму во истрагата против Манчестер Сити

Премиер лигата најавува чекор понатаму во истрагата против Манчестер Сити

Лондон, 26 април 2024 (МИА) - Помина повеќе од една година откако Премиер лигата го обвини Манчестер Сити за кршење на финансискиот фер-плеј, а англискиот шампион, и неодамна соборениот европски првак, допрва треба да бидат казнети за нивното дело.

„Граѓаните“ се товарат за финансиски прекршоци од сезоната 2009/2010 до сезоната 2017/2018, на крајот од четиригодишната истрага имаше 115 обвиненија, а сега клубот од „Етихад“ конечно би можел да се најде под рефлекторите поконкретно отколку досега.

Првиот човек на Премиер лигата, Ричард Мастерс, изјави дека сослушувањето во случајот со Манчестер Сити „ќе се одржи во блиска иднина“, како што објави новинарот на „Телеграф“ Бен Рамсби на својот профил на „X“.

Без разлика што во споменатиот цитат не е наведен ден, недела, месец, па дури и одредена година, некои толкувања велат дека тоа е можно да се случи до крајот на 2024 година. Веројатно наесен, датум за кој веќе се шпекулираше.

Времето ќе покаже кога навистина ќе започне судењето и дали пребогатиот клуб, со странски акционерски капитал, навистина ќе трпи соодветни последици за неодговорното работење. Во меѓувреме, тимот игра натпреварувачки игри како ништо да не се случило. дс

Фото: Архива

 

Остани поврзан