• вторник, 30 април 2024

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува синдикатите на средба за реформските закони за администрацијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува синдикатите на средба за реформските закони за администрацијата

Скопје, 31 јануари 2024 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ги повикува сите заинтересирани синдикати на отворени и директни консултации што ќе се одржат денеска во 10:00 часот во Собранието.

Темата на денешната работна средба, на која што ќе присуствува и дополнителниот заменик министер во техничката Влада, Стефан Андоновски е поврзана со законите кои се на дневен ред на Комисијата за европски прашања.

-Како најголема, најбројна и најодговорна пратеничка група во Собранието покажуваме одговорност и решителност, се со цел да помогнеме на синдикатите да се слушне нивниот глас и нивните барања. Ова е единствениот начин синдикатите да го искажат своето мислење и барања бидејќи мнозинството упорно одбива јавна расправа и дебата по законите и сака да ги протне набрзина, се наведува во соопштението од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ.

Токму затоа, како што е наведено во соопштението, нашата цел како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата е да ги преточиме барањата и забелешките на синдикатите во амандмани и официјални барања.

-Гласот и барањата на работниците мора да се слушне и не смее да биде заборавен, велат од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ.

Комисија за европски прашања вчера ја започна амадманската расправа по Предлог законот за административни службеници, кој е дел од пакетот реформски закони за администрацијата подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), предложени по скратена постапка.

На дневен ред на седницата се и Предлог  законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.

На седницата не беше прифатен предлогот од членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со заклучок на Комисијата да се организира јавна расправа за пакетот закони, а ресорниот министер Азир Алиу образложи дека за законите биле известени сите засегнати страни порачувајќи дека треба да се донесат час поскоро, бидејќи, како што рече, се работат шест години.  Синдикатите веќе реагираа на скратената постапка за носење на законот и исто така побараа дебата.дма/лв/

Фото:МИА архива

Остани поврзан