• недела, 22 декември 2024

Пратениците расправаа за предлог-законите за систем за проценка на лица со попреченост и за регистар на задолжително социјално осигурување

Пратениците расправаа за предлог-законите за систем за проценка на лица со попреченост и за регистар на задолжително социјално осигурување

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) – Во попладневниот дел од 125-тата седница Собранието ја исцрпи расправата за предлог-законите за системот за проценка на лица со попреченост, за регистар на задолжително социјално осигурување и за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување – сите по скратена постапка, за кои ќе се гласа дополнително. 

Со Предлог-законот за систем за проценка на лица со попреченост е предвидено да се формира централно координативно тело при Министерството за труд и социјална политика, за стручно утврдување на попреченоста што е клучен услов за лицата со попречености да може да остваруваат права од областа на здравството, социјалната заштита и образованието.

Проценката сега вклучува повеќе институции што доведува до паралелизам и удвојување на проценките за исто лице, како и до преголема бирократизираност во постапките за утврдување на попреченоста и за остварување на правата и обезбедување на услугите за овие лица. Новиот систем, кој предвидува вршење проценка по унифицирана методологија и од кој се очекуваат големи заштеди и елиминирање на злоупотреби и корупција, ќе се применува 18 месеци по донесувањето на законот и преку СИАП-проектот финансиран од Светска банка.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин на седницата рече дека се прави обид првпат овие прашања да се уредат на системски начин, со што ќе се овозможи едноставност, ефикасност и економичност.

-Едно лице нема да оди по разни комисии туку извештајот од една ќе може да го користи за остварување на своите права. Ќе биде во интерес на корисниците зашто нема да шетаат од комисија до комисија, рече Хусејин.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа предлогот да се повлече и да се изработи нов по длабоки анализи, со реални дебати и консултации, „а не преку ноќ“.

Според опозициските пратеници, предлогот е само 1 отсто во корист на лицата со попреченост, а 99 отсто „за да се трошат парите од Светска банка“ и за да се даваат лиценци.

Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе гласаат против зашто, како што истакна, „крајно е несериозно сосема нов закон за ваква проблематика да се носи по скратена постапка и со европско знаменце, без јавна или надзорна расправа и без да се консултираат најзасегнатите – здруженијата за правата на лицата со попречености“.

 -Со ова брзање, само еден мал дел од законот се однесува на лица на попреченост, а се друго е заради давање лиценци и вработување т.е. згрижување нов партиски кадар. Предлогот има само вербални најави, без конкретни решенија за подобрување на квалитетот на животот на овие лица, рече Петкова.

Со Предлог-законот за регистар на задолжително социјално осигурување, по скратена постапка, кој исто така ќе се применува со проект на Светска банка и 24 месеци по неговото донесување, е предвидено во состав на МТСП да се формира Управа за водење на регистарот на задолжително социјално осигурување што ќе биде унифициран регистарски систем во кој на едно место ќе се собираат и чуваат сите податоци кои се однесуваат на задолжителното социјално осигурување.

Како што појасни заменик-министерот Хусејин, ќе се  елиминираат слабостите на сегашниот систем за регистрација и евиденција кој е неконзистентен и неефикасен бидејќи се дуплираат податоци од различни институции со слични надлежности, како што се ПИОМ, ФЗОМ и Агенцијата за вработување. Тоа доведува до празнини во уплатите на придонесите од задолжително социјално осигурување, а со тоа и до нанесување штета на осигурените лица во однос на остварување на нивните права.

Исцрпена е и расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, по скратена постапка. Пратеникот од СДСМ Ненад Коциќ образложи дека со предложените измени и дополнувања кои, како што рече, следуваат по долгогодишни  барања на матичните лекари, прецизно се дефинира кој може да биде лекар одреден за замена. Со предложените измени се дефинираат неговите одговорности во случај на престанок на работниот однос на избраниот лекар со цел обезбедување непречена нега на пациентите во такви случаи.  

Дополнително треба да се гласа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта и за Прeдлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

Двата предлога се по скратена постапка и ги образложи пратеничката од НСДП Соња Мираковска. Во предлогот за лични карти се менуваат девет члена. Меѓу новините е тоа што се регулира можноста бездомник да поднесе првпат барање за лична карта во придружба на службено лице од центрите за социјална работа и тоа што лицата над 65 години ќе немаат обврска за вадење нова лична карта туку можност да добијат трајна. 

Во предложените измени на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, пак, покрај сопственост и закуп се воведуваат и други инструменти со кои може да се пријави живеалиште што ќе биде значајно, рече Мираковска, за најранливите категории. Меѓу новите инструменти ќе бидат договор за доживотна издршка, доказ за живеење во нелегално изграден објект..., а  бездомник ќе може да пријави живеалиште на адреса на центар за социјални работи или да биде пријавен на адреса на граѓанин што тоа ќе го дозволи. 

За Барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката, поднесено од пратеникот Димитар Апасиев, беше предложен заклучок да не се усвои како неоправдан од причини наведени од седницата на Законодавно-правната комисија. 

За сите предлози за кои се расправаше во попладневниот дел од 125-тата седница ќе се гласа дополнително. хс/дма/

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан