• недела, 19 мај 2024

Почна санацијата на оштетувањата на Споменикот на слободата во Кочани со поддршка од Амбасадата на САД

Почна санацијата на оштетувањата на Споменикот на слободата во Кочани со поддршка од Амбасадата на САД

Кочани, 25 ноември 2023 (МИА) – Со отстранување на мермерните облоги од амфитеатралниот дел почнаа градежните работи од проектот за конзервација, реставрација и санација на архитектурата и партерното уредување на Споменикот на слободата во Кочани.

Санирањето на оштетувањата на најголемиот мозаичен монумент на Балканот се реализира со финансиска поддршка од над 254 илјади долари од Амбасадата на САД, преку грант од амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство.

Со проектот е предвидено да се санира оштетената бетонска подлога, да се заменат подните облоги од мермер и травертин, и да се обноват амфитеатралните и пристапните скали до терасата и сценскиот партер. Исто така, ќе се изврши санација на ѕидните површини со чистење и пескарење на бетонските платна и заштита од атмосферските влијанија, а за сите овие активности ќе се инвестираат 8,2 милиони денари.

Реставрацијата на Споменикот беше најавена кон крајот на август минатата година, кога во Кочани дојдоа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Споменикот или тврдината на слободата е храм на уметноста во поновата историја затоа што според својата уметничка вредност во времето во коешто е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма. Тој важи за еден исчекор во освојувањето на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Мозаичниот приказ на академикот Глигор Чемерски, што храбро се издига над Кочани, ќе биде обновен, реставриран и реконструиран, за повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината што се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба, истакна лани министерката Костадиновска-Стојчевска.

Градежните работите од првата фаза за санација на монументот ги изведува компанијата „Исток мермер“ од Долни Подлог.

Во проектот се опфатени и конзерваторско-реставраторски работи на мозаичките фризови на Споменикот на слободата, како заштитено недвижно добро, а за што ќе биде објавена одделна јавна набавка. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан