• недела, 22 декември 2024

Остин: Преголем е бројот на жртви во Појасот Газа

Остин: Преголем е бројот на жртви во Појасот Газа

Вашингтон, 14 јуни 2024 (МИА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го повика Израел да стори повеќе за да го заштити палестинското цивилно население во Појасот Газа додека се обидува да ја уништи радикалната палестинска група Хамас во конфликтот што започна на 7 октомври минатата година, јави ДПА.

-Бројот на жртвите е превисок, изјави денеска Остин на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во белгискиот главен град Брисел, коментирајќи ја израелската воена операција на крајбрежната територија.

Тој појасни дека постигнувањето на воените цели и заштитата на цивилното население на територијата на воените дејствија меѓусебно не се исклучуваат, во контекст на зголеменото незадоволство на меѓународната заедница од зголемениот број на палестински жртви во енклавата.

Истовремено, Остин нагласи дека „исламистичките борци на Хамас се мешаат со цивилното население и ги користат цивилите како жив штит, што е срамна тактика“. Сепак, американскиот министер за одбрана истакна дека заштитата на цивилното население е „стратешка обврска“. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан