• петок, 22 ноември 2024

Османи: Со секој ден одложено членство во ЕУ, се повеќе граѓани ќе ја напуштаат државата

Османи: Со секој ден одложено членство во ЕУ, се повеќе граѓани ќе ја напуштаат државата

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Една од главните улоги што ја гледам во функцијата претседател е дека ќе се заложам да бидам компас на евроатлантската ориентација со фокус кон САД, а стратешкиот дијалог ќе го подигнам на ниво на претседатели на држави на највисоко можно ниво, вели кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи, кој денеска одржа отворена дискусија на тема „Зајакнување на стратешките партнерства со САД и ЕУ и соодветно меѓународно воспоставување преку надворешната политика“.

Тој ја повтори заложбата дека првата работа што ќе ја направи доколку биде избран за шеф на државата ќе закаже состанок со лидерите на партиите кој ќе трае се додека не се постигне консензус за Европската унија, а втората работа, според него, е консензус по однос на стратешкиот дијалог со САД.

На новинарско прашање во однос на коментарот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е задоцнета можноста околу градењето консензус за уставните измени и како мисли да се вклучи опозицијата, Османи вели дека тоа не е точно и дека опозициската партија ги манипулира граѓаните во однос на содржината на Францускиот предлог и Преговарачката рамка со погрешно толкување.

- Еве се нудам и сега, ќе ја прекинам кампањата, надвор од очите на јавноста, спремен сум да одам во Белата палата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред сите нивни членови да одговорам на сите прашања, да го претставам и Францускиот предлог и Преговарачката рамка за да видат дека не е точно тоа што го зборуваат, дека ги манипулираат граѓаните и дека најголемиот успех на Преговарачката рамка,  постигнат со помош на САД и на Брисел, беше да се сруши бугарската декларација којашто предвидуваше јазикот, идентитетот и историјата да биде на патот на Македонија кон Брисел, и да се помести на човечки и малцински права, внесување на 3,5 илјади Бугари во Уставот, рече Османи.

Тој смета дека оној што одбива да ги прифати уставните измени ги предава стратешките партнери бидејќи компромисот е постигнат со нивна помош, потоа со самото одбивање повторно би се вратиле на темата - историја и идентитетот и како трето наведува дека со секој ден одложено членство во ЕУ, се повеќе Македонци ќе бараат бугарски пасоши за да ја напуштаат државава.

- Ако тоа е патриотизам да ги терате граѓаните лажно да се запишуваат дека имаат бугарско потекло за да заминат од државата, тогаш јас не знам што е патриотизам, вели Османи. 

Според него, нема поважно прашање за иднината, за стабилноста и мирот на оваа држава, за меѓуетничката хармонија и за добрососедските односи од блиското партнерство со САД.

- Ставот којшто континуирано го повторувам е дека позади секој наш политички успех, но не само политички, има печат на САД. Обврска е на секој политичар, но посебно да им се покаже на младите, дека ако имаат амбиција да станат политичари во иднина дека најважното нешто што треба да го имаат предвид е блиското партнерство со САД. Нема поголем ризик за овој регион, за оваа држава отколку САД да го повлечат интересот одовде, рече Османи.

Во овој контекст ја нагласи важноста на темите како безбедноста, зголемување на способноста на Армијата, потоа владеење на правото и исклучително важната поддршка од САД во борбата против корупцијата, создавање на меѓународен борд за верификација, валидација, односно сертифицирање на носителите на јавни функции, како и укинување на визите за македонските државјани.

- Кај нас е се уште висок процентот на одбиени визи, меѓутоа констатиравме дека дел од нив се и поради технички причини – некомплетна документација, некомплетно пополнети формулари, а не дека има суштински проблем граѓаните да добијат визи. Формиравме меѓуресорно работно тело на ниво на Влада што го координира МНР, а како претседател на државата би го презел да го координирам од позицијата претседател на државата за да создадам една кохезивност на институциите за да може до крајот на мандатот да се патува во САД без визи, ветува Османи. вг/бак/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан