• среда, 24 април 2024

Општина Штип почна постапка за одземање на Б дозволата на фирмата САНС- АГ

Општина Штип почна постапка за одземање на Б дозволата на фирмата САНС- АГ

Штип, 28 март 2024 (МИА) - Општина Штип ја почна постапката за одземање на Б-интегрираната дозвола на фирмата САНС-АГ која во реонот на Пeнуш од автомобилски гуми произведуваше течно гориво. Раководителот на Секторот за инспекциски работи во Општина Штип, Тоше Ѓоргиевски денеска информираше дека постапката ја почнале пред 30 дена, откако имале инспекциски надзори заедно со државен инспектор за животна средина и по добиениот допис од Министерството за животна средина, во кој се вели дека оваа штипска фирма неколкуратно ги прекршува условите пропишани во Б-интегрираната дозвола.

-Оваа постапка е почната пред 30 дена, но ќе напоменам дека постапката за одземање на дозволата е исто така долга, колку што е и за добивање на Б-интегрирана дозвола, вели Ѓоргиевски.

Тој очекува  дека целата постапка за одземање на Б-интегрираната дозвола на фирмата САНС-АГ да трае од 90 до 120 дена. Инаку, Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање пред два дена ја објави и одлуката на Основниот суд во Штип, кое има изречено парична глоба за правниот субјект и за одговорното лице за затекнатите буриња со течно гориво во кругот на фабриката. Паричната глоба изнесува 1.750 евра, од кои 1.500 за правниот субјект и 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице. САНС-АГ поголго време не работи, а е лоцирана во атарот на Пенуш.вдј/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан