• петок, 22 ноември 2024

Димитриевски: ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилноста во државата

Димитриевски: ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилноста во државата

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва на прес-конференција порача дека по завршување на парламентарните избори, ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилноста во државата, без кој нема да може да се формира идната влада во државата.

- Факт е дека дека јас и ЗНАМ вечерва освоивме повеќе од 80 илјади гласови. Регистриравме политички субјект кој што постои нешто повеќе од три месеци и се етаблираше со граѓанската поддршка на трето место во политичкиот блок и сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба, рече Димитриевски.

Тој додаде дека при отпочнување на преговорите за формирање на следното парламентарно мнозинство ќе ги дадат нивните предлози за тоа што значат национални црвени линии до сите политички партии.

Димитриевски се заблагодари на сите граѓани кои ја дадоа својата поддршка за него, но и за останатите негови противкандидати затоа што, како што рече, на крајот на денот победила демократијата.

- Се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надоградиме со цел еден ден граѓаните да имаат можност да бираат нешто ново, рече Димитриевски.

Додаде дека ЗНАМ ќе продолжи да го дава својот максимум и напомена дека се искрени кон сите граѓани, кои не ги делат ниту по политичка, ниту по етничка, ниту по верска припадност.

- Нашата цел ќе биде конечно Македонија да ја видиме таму кај што заслужува да биде - тоа е на пиедастолот, полноправна членка на ЕУ и рамо до рамо со сите нејзини пријатели во светот. Горд сум на секој еден глас кој што дојде како поддршка за мене и за нашиот нов политички субјект, рече Димитриевски.

На новинарско прашање што би им порачал на двајцата кандидати кои ќе влезат во вториот круг, Димитриевски упати порака до „најодговорниот во државата“, да се откаже од оваа битка.

-Според бројките, тоа се професорката Силјановска Давкова и актуелниот претседател на државата Пендаровски. Упатувам, до тој кој е најодговорен во државата, една порака - почитуван мој претседателе, разликата е голема, доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг, рече Димитриевски. бт/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан