• вторник, 16 јули 2024

Обвинителски совет на Косово: Владата со новиот закон сака да ги зароби и диригира КПК и Државниот обвинител

Обвинителски совет на Косово: Владата со новиот закон сака да ги зароби и диригира КПК и Државниот обвинител

Приштина, 15 јули 2024 (МИА) – Обвинителскиот совет на Косово (КПК) оцени дека косовската Влада има намера да го направи „спротивното од реформата“ и да го „блокира и дефункционализира обвинителскиот систем“, откако Собранието минатата недела го усвои новиот закон за КПК, јави дописникот на МИА од Приштина.

КПК денеска преку јавна реакција соопшти дека Владата „континуирано ги игнорира и отфрла забелешките, сугестиите и предлозите на делегираните претставници на КПК во работните групи, формирани од Министерството за правда и во комисиите на Собранието на Република Косово за комплетирање и дополнување на новиот Закон за КПК, кој беше усвоен на 11 јули 2024 година“.

- Оваа еднострана практика на одобрување на правни акти јасно покажува дека Владата на Косово и мнозинството во Собранието на Косово, свесно и во име на реформите, имаат намера да го направат спротивното од реформата, односно блокирање и дефункционалност на обвинителскиот систем, се вели во реакцијата.

Донесувањето на овој закон, според КПК, претставува „ апсурд од редок вид“.

- КПК нагласува дека донесувањето на овој закон претставува непочитување и отворено кршење на главните принципи на Заедничката декларација за посветеност, што, само по себе, претставува еден вид апсурд од редок вид, бидејќи актуелниот состав на извршната власт, односно Министерството за правда, не успева никако да ги избегне политичките ставови во однос на обвинителскиот систем, непочитувајќи ги сугестиите од многу страни и доаѓајќи во судир не само со основаните барања на претставниците на КПК, туку и со барањата и препораките на претставниците на Европската Унија и домашни и меѓународни организации, оцени КПК.

Обвинителскиот совет изразува благодарност до меѓународните претставници и оние на граѓанското општество кои „ги бранеа овие принципи и упорно инсистираа Владата и Собранието на Косово да не ги игнорираат препораките на домашните институции, Европската Унија, Советот на Европа и ОБСЕ што се однесуваа на Предлог-законот за Обвинителскиот совет“.

- Во оваа прилика, КПК целосно се приклучи на разумните повици и апели за почитување на европските норми и стандарди пред донесувањето на овој закон и другите закони во Собранието, остро критикувајќи го пристапот на власта во однос на кршењето на независноста на уставните институции на државата, како што е КПК, се вели во соопштението, во кое КПК оценува „дека тенденцијата на Владата, сега веќе целосно разобличена, претставува ригорозно интервенирање во обвинителскиот систем и во целиот правосуден систем“. иа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан