• петок, 28 јуни 2024

„Не биди ѓубре” акција за чистење на општина Кисела Вода

„Не биди ѓубре” акција за чистење на општина Кисела Вода

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - На Светскиот ден на животната средина се одржа заедничка еколошка акција во која учествуваа Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, градинките и училиштата од овој дел на градот, заедно со тимот на „Не биди ѓубре”, предводен од актерката и екоактивист Ирена Ристиќ.

Од локалната самоуправа информираа дека се чистеа јавните површини низ целата општина, а на повеќе локации беа засадени дрвца и цвеќиња. Настанот беше заокружен со музичка манифестација во паркот „Македонија" каде настапија дечињата двете градинки од Општина Кисела Вода, а присутни беа и нивните родители кои задно со нив чистеа и садеа цвеќиња.

-Денес, кога на глобално ниво се одбележува Денот на животната средина, заедно со оргaнизацијата „Не биди ѓубре” спроведовме заедничка акција за чистење. Наша позиција беше трим патеката, додека на други позиции работеа тимови од администрацијата, градинките и училиштата. Едновремено на повеќе локации беа засадени зимзелени дрвца и цвеќиња, а нашите најмлади oд градинките го одбележаа денот и со приредба во паркот „Македонија”, изјави  Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека во рамките на нашата долгорочна стратегија за здрава животна средина, Општина Кисела Вода реализира повеќе проекти за подобрување на квалитетот на животот.

-Чистиме депонии, пошумуваме, градиме паркови и зелени спортско-рекреaтивни центри, се со цел да го подобриме квалитетот на животната средина и да го заштитиме здравјето на нашите сограѓани, но сепак, треба да се потенцира дека сите мора да бидеме одговорни и да дадеме свој удел во зачувувањето на средината во која живееме. Затоа, апелирам до сите жители да не создаваат отпад и правилно да го складираат и одложуваат постоечкиот. Секој мал чекор што ќе го направиме денес, има големо значење за нашата иднина и за иднината на нашите деца, изјави Ѓорѓиевски. дма/са/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан