• сабота, 29 јуни 2024

Над 200 повредени, 100 уапсени на протестите против даноци во Кенија

Над 200 повредени, 100 уапсени на протестите против даноци во Кенија

Најроби, 21 јуни 2024 (МИА) – Најмалку 200 луѓе се повредени, едно лице загина, а повеќе од 100 беа уапсени ширум Кенија во националните протести против плановите на владата да собере 2,7 милијарди долари дополнителни даноци, соопшти Алијансата на групи за права.

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во главниот град Најроби, се вели во заедничката изјава на пет групи за човекови права, вклучително и Амнести интернешенел и Медицинското здружение на Кенија.

Присуството на чаури укажува дека биле испукани живи куршуми, велат тие. Едно лице почина од прострелна рана здобиена за време на протестите во Најроби, објави Дејли нејшн.

 Илјадници претежно млади луѓе демонстрираа вчера во главниот град на Кенија, Најроби, против најавеното воведување на нови даноци од страна на претседателот на таа земја, Вилијам Руто.

Демонстрантите го блокираа централниот деловен кварт на Најроби, а полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите кои маршираа кон зградата на парламентот, каде што пратениците расправаат за нов закон. Демонстрантите се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон за да пристапат до зградите на парламентот, носејќи антивладини плакати и скандирајќи против Руто.

Демонстрантите  бараат пратениците да гласаат против законот, што се очекува негативно да влијае на платите на Кенијците, претприемачите и потрошувачите. Тие велат дека Руто го прекршил ветувањето дека ќе ги намали даноците и ќе ги намали трошоците за живот.

Новите даноци ќе вклучуваат 2,75 проценти на заработката за националниот план за здравствено осигурување, како и зголемени даноци за растително масло и гориво, што ќе ги зголеми трошоците за производство.

Предлозите за воведување данок на додадена вредност од 16 отсто на лебот и нов годишен данок на моторни возила беа отстранети од предлог-законот во вторникот по средбата меѓу Руто и членовите на владејачката партија, но оние што демонстрираа рекоа дека амандманите не се целосно отфрлени и сакаат пратениците тоа да го направат. зш/

Остани поврзан