• сабота, 21 декември 2024

Собранието на Црна Гора усвои Резолуција за Јасеновац, Дахау и Маутхаузен

Собранието на Црна Гора усвои Резолуција за Јасеновац, Дахау и Маутхаузен

Подгорица, 28 јуни 2024 (МИА) – Собранието на Црна Гора денеска со гласовите на парламентарното мнозинство усвои Резолуција за геноцидот во Јасеновац, со која 22 април се прогласува за ден на сеќавање на жртвите од овој логор во Втората светска војна.

Резолуцијата беше поддржана од пратениците на Нова српска демократија (НОВА) на Андрија Мандиќ, Демократската народна партија (ДНП) на Милан Кнежевиќ, Движењето Европа сега (ПЕС) на премиерот Милојко Спајиќ и Демократите на потпретседателот на владата Алекса Бечиќ.

На предлог на Мандиќ и Кнежевиќ, резолуцијата ги осудува и злосторствата извршени во Дахау и Маутхаузен.

Од 42 пратеници што гласаа, 41 ја поддржа резолуцијата, а еден беше против. Опозицијата, во знак на протест, ја напушти салата пред гласањето.

Образложувајќи го предлогот за резолуција за Јасеновац, претседателот на Собранието на Црна Гора и лидер на Нова српска демократија Андрија Мандиќ изјави дека предлагачите повикуваат на „сеќавање и на човечкото во сите луѓе“, дека предлогот „не е упатен против никого, туку има за цел да укаже дека злото е зло, без оглед на тоа кој го направил“.

- Резолуцијата не е на штета на никого, а може да биде од корист за сите граѓани. Црна Гора ќе стане првата држава на планетата која ќе го осуди геноцидот во Јасеновац и тоа „ќе им служи на чест“ на оние кои можеби нема да гласаат за резолуцијата, а јас ги повикувам да бидат дел од големата историја на Црна Гора, рече Мандиќ.

Тој смета дека резолуцијата „не ја навредува државата, ниту Хрватска, ниту Австрија, ниту Германија“.

Мандиќ соопшти дека резолуцијата е резултат на договорот внатре во Црна Гора и дека при донесувањето на тој документ „немаше мешање од надвор“, одговарајќи на оцените на дел од опозицијата дека предлогот потекнува од претседателот на Србија Александар Вучиќ и оние сили кои сакаат да ја успорат европската перспектива на Црна Гора.

Со резолуцијата, 22 април се прогласува за „Ден на сеќавање на геноцидот во Јасеновац“ и „се осудува секое негирање на геноцидот“ во тој логор од Втората светска војна.

Документот прогласува „единствена осуда на сите злосторства на територијата на Црна Гора и поранешна Југославија“ и „потврдува принципиелен став дека одговорноста за злосторствата може да биде исклучиво индивидуална“.

Поддршката за резолуцијата дојде и од Движењето Европа сега на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, чии пратеници оценија дека усвоениот документ „не може да биде насочен против денешна Хрватска, ниту против хрватскиот народ“.

Против резолуцијата беше опозицијата, која како знак на протест ја напушти салата пред гласањето, сметајќи дека таа е резултат на „политичка трговија“ внатре во владејачкото мнозинство, дека ќе ги наруши односите со Хрватска која би можела да ја успори европската перспектива на Црна Гора.

Пратениците од опозицијата оценија дека резолуцијата е „претстава за домашната јавност и бирачите“ на владејачкото мнозинство, дека „не е во државен интерес“ на Црна Гора, дека со неа „се манипулира со националните чувства“ и изразија загриженост дека ќе влијае негативно на односите со Хрватска и нејзината поддршка за европскиот пат на Црна Гора.

Пратеникот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Иван Вуковиќ изјави дека резолуцијата за геноцидот во Јасеновац не е во државен интерес на Црна Гора, дека не придонесува за културата на сеќавање, бидејќи осудата и карактерот на злосторството во тој логор од Втората светска војна „се неспорни“.

- Кој е државниот интерес да усвоиме резолуција за Јасеновац, кога во Црна Гора никој не негира што се случило во Јасеновац, рече Вуковиќ.

Тој смета дека резолуцијата е „манипулација“ и резултат на „лоши компромиси внатре во владејачкото мнозинство“ и во тој контекст рече дека тој потег е политички одговор на поддршката на Црна Гора за Резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации.

Дел од власта во Црна Гора, претставена од Движењето Европа сега (ПЕС) на премиерот Милојко Спајиќ, ја поддржа Резолуцијата за Сребреница, додека просрпските партии на Мандиќ и Кнежевиќ како одговор ја иницираа дебатата за Јасеновац. Поддршка за таа резолуција најави и ПЕС на Спајиќ.

Најавата за можноста за усвојување на резолуцијата во Јасеновац предизвика остра реакција кај официјален Загреб, кој претходно испрати протестна нота до Подгорица и предупреди дека нејзиното усвојување може да ја забави амбицијата на Црна Гора да биде примена во ЕУ.

Пратеникот на Хрватската граѓанска иницијатива (ХГИ) Адријан Вуксановиќ рече дека Јасеновац е „темната страна на историјата“ и дека Хрватска „на правилен начин го одбележува она што се случи во Јасеновац“.

- Ќе биде добро Србија да тргне по тој пат, некој од црковното и државното раководство да оди во Сребреница, Вуковар и други места на егзекуција, истакна Вуксановиќ.

Според него, резолуцијата не е предложена од Црна Гора, туку од оние кои му се сервилни на Александар Вучиќ. ссм/

фото: 

Остани поврзан