• вторник, 14 мај 2024

Награда за Азески за неговиот придонес во одржување и развој на македонското стопанство

Награда за Азески за неговиот придонес во одржување и развој на македонското стопанство

Скопје, 16 декември 2023 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески е добитник на награда за голем придонес во одржување и развој на македонското стопанство. Ова признание, како што соопштуваат денеска од Стопанската комора, му било доделено од страна на редакцијата „Битолски весник“ на традиционалната 24-та по ред манифестација „Избираме најуспешни битолчани“, што се одржа вчера во Битола, во присуство на околу 600 гости од целата држава.

На доделувањето на наградите Азески изразил задоволство и почит за ова признание, кое, како што истакнал, е резултат на посветена работа и придонес кон целата заедница.

-Оваа награда не е само признание за мојата лична ангажираност, туку е и поддршка кон целата бизнис заедница што нашата Комора ја претставува. Затоа сакам да ја споделам со сите членови на Стопанската комора, нашите партнери и сите претприемачи и бизнис лидери од Битола. Нивната посветеност и иновативност се двигател на успешната работа на целиот битолски регион. Оваа награда нека биде инспирација за сите нас да го поддржиме истражувањето на нови можности, креативноста и растот на локалната бизнис заедница, истакнал Азески на доделувањето на наградата.

На годинашната манифестација беа доделени 35 признанија на најуспешни граѓани и институции кои со своите постигнувања и успех дале придонес за своја лична афирмација и за афирмација на градот. Беа прогласени најуспешните во областа на политиката, здравството, стопанството, новинарството, бизнисот, банкарството, образованието, естрадата, невладините организации, спортот, науката, стои во соопштението. вг/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан