• понеделник, 15 јули 2024

Монодрамата „Безгрешна“ на Народниот театар од Марибор прикажана на фестивалот „Охридско лето“

Монодрамата „Безгрешна“ на Народниот театар од Марибор прикажана на фестивалот „Охридско лето“

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) – Во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, вчера беше изведена монодрамата „Безгрешна“ на словенечкиот народен театар од Марибор, соопшти НУ Охридско лето. 

Претставата е адаптција на романот на Колм Тоибин за Театарот од Марибор, во која се испреплетуваат четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, на загубата, на осаменоста, на потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелуваат. Наташа Матјашец Рошкер, како што се наведува во соопштението, ја толкувала улогата на Марија, мајката на Исус.

-Оваа претстава е многу значајна за мене и за сите кои работеа на неа бидејќи идејата да се реазлизира беше на нашиот славен режисер Томаж Пандур кој ненадејно почина токму во Македонија. Ние веќе бевме почнати со работа, така што сега со оваа претстава која на некој начин е негова последна, доаѓаме на местото на неговото заминување и тоа уште толку е силно за сите нас. Клучната порака на монодрамата е дека Марија, пред сѐ била жена и мајка која проживеала реално искуство, губењето на синот и тоа во однос на институционалната интерпретација на нејзиниот живот и животот на нејзиниот син за неа како жена е позначајно од она што следувало подоцна, вели актерката Матјашец Рошкер, соопштии НУ Охридско лето.

По ненадејната смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур, претставата ја довршила неговата сестра, драматургот Ливија Пандур во 2016 година.

– Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам „Безгрешна“, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него, вели Ливија Пандур , соопштии НУ Охридско лето.

Ливија Пандур откако студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, работела како драматург во различни театри во Љубљана и од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар – Марибор. Таа исто така била драматург за сите продукции на Томаж Пандур. аан/ац/

Фото: НУ Охридско лето

Остани поврзан