• понеделник, 20 мај 2024

Мицотакис: Нашето оружје се храбрите реформи

Мицотакис: Нашето оружје се храбрите реформи

Атина, 21 ноември 2023 (МИА) – Нашето оружје ќе бидат храбрите реформи, со храбри промени. Нашата стратешка определба мултидимензионална модернизација, координирани интервенции на сите полиња од јавниот живот, за да се подобри секојдневието на граѓаните, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот на политичкиот комитет на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина. 

Мицотакис рече дека во првиот мандат се соочија со континуирани кризи, додека пак сега, во вториот, треба да се соочат со последиците, истакнувајќи дека имаат „политичка волја и партиска сила да ја водат битката“, но, пред сè, дека ја имаат довербата од грчкото општество, „запечатена на последователните избори“. 

-Навистина станува збор за наградување на конзистентната политика. Сепак, ќе повторам дека добиените 41 отсто не е еднакво на бланко чек. Тоа е еднакво на зголемена одговорност. Тоа не е алиби за грешки, порача Мицотакис. 

Потсети дека земјата одново го доби инвестицискиот степен, „бележи една од највисоките стапки на раст во Европа, со рекорден извоз и постојано ги намалува невработеноста и јавниот долг“.

Се осврна и на претстојните европски избори што ќе се одржат на пролет, велејќи дека од една страна треба да се одржи политичката стабилност на земјата, а од друга, Грција треба да избере членови на ЕП, кои ќе имаат европска ориентација, „кои ќе го зајакнат националниот глас, кои ќе ја зајакнат националната интервенција во тешките односи во заедницата“.

-И во двата случаи еден е одговорот: чиста победа на Нова демократија, порача грчкиот премер. 

Во однос на ситуацијата на Блискиот Исток, Мицотакис рече дека „четири точки ја дефинираат националната позиција за трагичните неодамнешни настани“. 

Прво дека Израел има право на самоодбрана, второ дека Израел како демократија мора да реагира во рамките на меѓународното право и особено во рамките на меѓународното хуманитарно право, одвојувајќи ја терористичката Хамас од палестинскиот народ.

-Трето, ја изразуваме нашата длабока загриженост за ескалирачката реакција на Израел и многу големите загуби на животи во Појасот Газа. Цивилите мора да бидат заштитени и мора да има олеснување со итни прекини на огнот и хуманитарни коридори на солидарност за лекови и храна. Сакам да ви кажам дека Грција во оваа дискусија беше присутна од самиот почеток, истакна Мицотакис. 

Додаде дека четвртата точка се однесува на цврстиот став на грчката надворешна политика дека конечното решение треба да биде политичко, а не со воена доминација. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан