Мицотакис: Грција ја поддржува ЕУ перспективата на Западен Балкан, но земјите треба да ги спроведат реформите поврзани со европското законодавство
- Самитот Европска Унија – Балкан доаѓа во исклучително критични околности за европскиот континент. Грција во принцип ја има поддржано интегративната перспектива на сите земји од Западен Балкан, но секако земајќи ја предвид реалноста дека овие земји треба да ги направат неопходните реформи за да се прилагодат на европското законодавство, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 18 декември 2024 (МИА) – Самитот Европска Унија – Балкан доаѓа во исклучително критични околности за европскиот континент. Грција во принцип ја има поддржано интегративната перспектива на сите земји од Западен Балкан, но секако земајќи ја предвид реалноста дека овие земји треба да ги направат неопходните реформи за да се прилагодат на европското законодавство, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис во изјавата посебно се осврна на Србија и Албанија, за Белград спомена дека сега е време да се испрати јасна порака дека припаѓа на европското семејство, додека пак за Тирана се задржа на прашањата поврзани со грчкото малцинство во Албанија.
Во однос на Србија објасни дека пред неколку дена испратил писмо до сите негови колеги во кое побарал да се усогласат со препораките на Европската комисија за да може да се отвори уште едно поглавје од пристапните преговори и додаде дека е „апсолутно неопходно Србија да го забрза својот пат кон ЕУ, таа е најголемата земја на Западен Балкан и е референтна точка за стабилноста во регионот“.
- Чувствувам дека сега е време да испратиме порака до Србија и до српскиот народ дека го мислиме она што го кажуваме, дека сакаме Србија да биде членка на европското семејство. Србија знае што треба да направи од своја страна за да ги усогласи нејзините одлуки што се однесуваат на надворешната политика со заедничките одлуки на Европската Унија. Но, мислам дека сега е време да се испрати јасна порака до Србија дека нејзиното место е во европското семејство, порача Мицотакис
За Албанија рече дека „Грција во суштина е „чувар“ на европскиот пат на Албанија и дека прашањата што се однесуваат на заштита на грчкото национално малцинство, гарантирањето на нивните имотни права, правото на самоопределување, не се билатерални прашања“.
- Тоа се прашања што се однесуваат на односите на Албанија со Европската Унија. Задоволен сум и од фактот што за прв пат по многу години имаме значителна мобилност од страна на Албанија во справувањето со овие прашања. И би рекол дека ова е и најдобар доказ зошто на крајот европскиот курс на балканските земји може да доведе и до решавање на вакви хронични прашања, кога тие од билатерални се сведуваат на европски, истакна грчкиот премиер. ср/ссм/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер