• вторник, 30 април 2024

Мицкоски присуствуваше на поставувањето камен темелник на новиот градски пазар во Радовиш

Мицкоски присуствуваше на поставувањето камен темелник на новиот градски пазар во Радовиш

Радовиш, 6 ноември 2023 (МИА) - Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставувањето камен темелник на новиот градски пазар во Радовиш, инвестиција вредна 2 милиони евра обезбедена од Општината.

Според него, станува збор за европско здание од кое луѓето што ќе бидат корисници на овој објект ќе бидат задоволни од условите што ги нуди.

-Очекувам дури и побргу од рокот да биде завршено така што посакувам уште многу објекти, вакви капитални, да се реализираат со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и убеден сум дека поинтензивно ќе се градат поголеми капитални објекти. Општина Радовиш тоа го заслужува и тоа што е домашна задача на општина Радовиш е завршена работа, но за жал имајќи го во предвид карактерот на владата на СДСМ и ДУИ до сега притисоците и неинвестирањето во општините каде што имаме градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си го прават своето, рече Мицкоски.

Како што додаде, добрата вест е што за неколку месеци од денеска оваа криминална влада ќе биде минато, доаѓа влада на народот, влада која што ќе инвестира насекаде во Македонија и овде во Радовиш, но и секаде во сите општини без разлика од која политичка партија доаѓа градоначалникот или е независен.

Одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на министерот за економија дека храната поевтинува, истакна дека министерот за економија или долго време не влегол во маркетите или не знае што се случува и со каква мака се соочуваат граѓаните дека по маркетите имаме европски цени, а стандардот е полош и од некои африкански земји.

-Најлошо е кога политичарите го зборуваат она што не го чувствуваат граѓаните. За жал, тоа го прави и министерот за економија, можеби тој го изгубил тлото под нозете, како и впрочем цела влада на ДУИ и СДСМ, одамна заборавиле со какви маки се соочуваат граѓаните секојдневно. Денес, за жал, во маркетите имаме храна која што има европски цени но за жал стандардот ни е, да ми простат, полош од aфричките држави. Така што добрата вест е ќе повторам што за неколку месеци од денес овие луѓе ќе бидат минато ќе дојдат луѓе кои што ќе се грижат за иднината на Македонија, нагласи Мицкоски.

Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов истакна дека ова е првата капитална инвестиција којшто ќе била една од многуте коишто ќе следуваат.

-Градскиот пазар ќе биде лоциран на локацијата каде што беше стариот градски пазар. Тој ќе биде на површина од околу 4.500 квадрати. Внатре ќе има многу површини, ќе има деловни простории, ќе има градски зелен пазар, ќе има простории за продавање и на други производи. Меѓутоа, посебната интересна намена е што истиот објект ќе биде и катна гаража. Значи имаме двонаменски објект кој што ќе остане во центарот на градот за користење, за организирање и на манифестации, меѓутоа пред се ќе биде наменет за размена на земјоделски производи, она што радовишани на ова поднебје како земјоделски град го бара и еве сега конечно ќе го овозможиме.

Тој очекува изградбата да заврши во наредните 6 до 9 месеци, а објектот ќе значи многу не само за радовишани, туку и за граѓаните од соседните општини. рт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан