• недела, 19 мај 2024

Митовски: Манифестацијата „Град на културата“ ќе ја етаблира Крива Паланка како главна дестинација за посета во државата и регионот

Митовски: Манифестацијата „Град на културата“ ќе ја етаблира Крива Паланка како главна дестинација за посета во државата и регионот

Крива Паланка, 13 февруари 2024 (МИА) - Почнувајќи од март до крајот на годината, Крива Паланка дефинитивно ќе биде градот на уникатен и препознатлив репертоар настани, а „Град на културата 2024“ повторно ќе ја етаблира нашата општина како главна дестинација за посета во државата и регионот, изјави градоначалникот Сашко Митовски.

Министерството за култура донесе одлука Крива Паланка да биде носител на манифестацијата „Град на културата“ за оваа година. Според градоначалникот, општината ја заслужи довербата од комисијата при Министерството, да ја организира манифестацијата, благодарение на понудената богата програма.

- За нас, одлуката од Министерството претставува чест и престиж, круна на сите заложби и вложувања во културата што ги правиме во изминатите две години, заедно со институциите од областа на културата во општината. Програмата е богата и понуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естетика на традиционално и современо творештво и вклученост на релевантни домашни и странски уметници. Содржи 55 проекти од сите дејности и достапност на културата за сите во општината, со учество на многу млади, домашни уметници и автори, смета градоначалникот.

Покрај Крива Паланка, апликација за носител и организатор на манифестацијата „Град на културата“ имаше поднесено и Велес.

Оваа манифестација се реализира од 2004 година, со цел создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво. ид/дма/

Фото: Општина Крива Паланка

Остани поврзан