• вторник, 14 мај 2024

Министерот Велковски ги посети детската градинка „Младост“ и Здружението на пензионери во Тетово

Министерот Велковски ги посети детската градинка „Младост“ и Здружението на пензионери во Тетово

Тетово, 5 март 2024 (МИА) - Техничкиот министер Ѓоко Велковски заедно со неговиот тим и вработените во Mинистерството за труд и социјална политика денеска престојуваа во Општина Тетово каде ги посетија детската градинка „Младост“ и Здружението на пензионерите. При овие посети, министерот беше информиран за проблемите со кои се среќаваат најмладите жители на Тетово, а тоа е недостатокот од слободни места во детските градинки, како и со проблемите на најстарите жители на Тетово и нивните барања за повисоки пензии.

- Тоа што веќе шеста недела го пренесувам како министер ми се потврдува и со самото присуство на терен при посета на детските градинки, а тоа се проблемите со просторните услови,  со персоналот, кој е најголем, и проблемот со стекнување лиценци на лицата кои треба да бидат во процесот на вработување во градинките. Ова се потврди и овде во Тетово каде навистина е потребен персонал оти во групите има многу дечиња, а грижата за нив е сведена на еден или двајца вработени. Ние како министерство во наредниот период ќе направиме целосна анализа на целата територија на Македонија за да видиме каков е предизвикот и во другите општини иако генералната слика е таа. Ќе направиме добар план и после 8-ми мај да започнеме со брзи чекори да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат детските градинки, изјави техничкиот министер Велковски.

Тој посочи дека е многу важно да се напомене оти моментално во државата над 5.000 дечиња се на листа на чекање за прием во градинки, а само во оваа градинка во Тетово, 270 деца се на листата за чекање.

- Затоа мора да го надминеме и овој проблем со оние објекти кои се подготвуваат во рамките на Општина Тетово да го надминеме како проблем и да нема веќе листи на чекање, вели Велковски.

Тој зборуваше и за проблемот зошто сè уште не е отворена детската градинка кај ОУ „Кирил и Методиј“ која веќе целосно е изградена и опремена.

-Тоа е градинка која за жал чека персонал, бидејќи не се дадени согласности за вработувања и поради тоа денес имаме објект кој стои празен само поради персонал. Некој не се грижел на време да го среди ова како проблем. Ние, за жал во ова време на техничка Влада кога Законите не ни дозволуваат да пристапиме кон согласности за вработување, имаме состојба кога жителите на Тетово мора да чекаат и следните два месеци за да го отвориме овој објект, рече Велковски.

Директорката на детските градинки „Младост“ во Тетово изјави дека за да почне да работи новата градинка минимум се потребни 30 вработени.

Министерот Ѓоко Велковски во рамките на посетата на Тетово направи средба и со тетовските пензионери каде се сретна со раководството на Здружението на пензионери од Тетово.

-Барањата на пензионерите се повторно на маса, па еве и во Тетово велиме дека се потребни повисоки пензии, потребно е линеарно пресметување на пензиите и сите други 7-8 барања и права кои им биле скратени во овие години наназад. Јас сум презадоволен од искреноста на пензионерите бидејќи не треба проблемите кои сме ги имале со години наназад да ги ставаме под тепих и да велиме дека нема проблем. За жал, после 1945, во 2023 година пензионерите повторно излегоа на улица. Статистиката говори за многу лоши податоци, а тоа е дека околу 100.000 пензионери живеат со под 20.000 денари пензија, изјави Велковски на средбата со тетовските пензионери. за/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан