• недела, 22 декември 2024

Милер: САД го повикаа Израел на целосна транспарентност за нападот врз училиштето на УНРВА во Газа

Милер: САД го повикаа Израел на целосна транспарентност за нападот врз училиштето на УНРВА во Газа

Вашингтон, 7 јули 2024 (МИА) - САД денеска го повикаа Израел да биде „целосно транспарентен“ по смртоносниот напад врз училиштето на Агенцијата за бегалци на ОН (УНРВА) во Газа.

-Израелската влада најави дека ќе објави дополнителни информации за нападот, вклучувајќи ги и имињата на луѓето кои загинаа во него. Очекуваме да бидат целосно транспарентни и да ги објават тие информации, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Израелската војска (ИДФ) претходно соопшти дека извршила „прецизен напад“ врз базата на Хамас во училиштето на Агенцијата на ОН за Газа (УНРВА) во Нусејрат, каде што биле собрани 20 до 30 терористи, од кои некои учествувале во нападот на 7 октомври во јужен Израел.

Шефот на УНРВА, Филипе Лазарини, претходно го обвини Израел дека без претходно предупредување извршил напад врз училиштето УНРВА во Газа, каде, како што тврди, се засолниле илјадници раселени лица.

Во израелскиот напад на училиштето во кое се засолниле раселените Палестинци, според последните податоци на болницата Ал Акса во градот Деир ал Балах, загинале најмалку 37 лица.

Француските медиуми јавија дека израелската невладина организација „Безелем“ го означи денешниот напад како потенцијално воено злосторство.

„Оваа војна од самиот почеток покажа дека смртта на цивилите е неизбежен резултат на начинот на кој израелската армија дејствува во Појасот Газа“, соопшти организацијата, апелирајќи до меѓународната заедница да ги прекине непријателствата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан