• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

7 ноември 2024

Скопје - Забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските согледувања, предвидува Народната банка. Според есенските макроекономски проекции, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3 отсто, а за наредната на 3,3 проценти. На среден рок, оцените за растот се непроменети. Во периодот 2026 ‒ 2027 година се очекува натамошно забрзување на растот, согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни. 

Како што соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2 отсто при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија. 

Скопје - Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија Беса Адеми ја истакнува потребата од доследно почитување и применување на акредитациите за медиумите одобрени од страна на претседателот на Врховниот суд, како и на препораките за снимање и фотографирање во судница усвоени и објавени од Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет.

-Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и препораките, е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и воедно да се истакне демократската улога на медиумите во општеството, се наведува во соопштението од Врховниот суд.

Скопје - Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври во однос на септември годинава, бележи намалување од 0.7, а цените на мало за 0.1 отсто. Во споредба, пак, со отомври 2023 година, трошоците на животот се зголемени за 3.5, додека цените на мало за 3.9 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Намалувањето на инфлацијата во октомври 2024 година, во однос на септември 2024 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 2.2 %, Ресторани и хотели за 1.5 %, Рекреација и култура за 0.9 %.

Ватикан - Ватикан му честиташе на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и му посака „голема мудрост“ додека се подготвува да се врати во Белата куќа.

„Му посакуваме голема мудрост бидејќи, според Библијата, тоа е главната доблест на владетелот“, изјави државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

„Верувам дека тој пред се мора да работи на тоа за да биде претседател на целата земја и на тој начин да се надмине поларизацијата што многу јасно се чувствува во овој момент“, рече Паролин на маргините на еден настан во Рим.

Будимпешта - Највисоките функционери на Европската унија покажаа мала загриженост поради распадот на германската коалициска влада и можноста за предвремени избори во најголемата земја-членка на блокот, јави ДПА.

-Во демократските земји, имаме избори, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, при пристигнувањето на состанокот на европските лидери во Будимпешта.

Берлин - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.

- Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме, рече Штајнмаер.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска пред дса замине за Будимпешта изјави дека идниот американски претседател Доналд Трамп е секако попроруски настроен и оти неговата администрација ќе донесе динамични промени во однос на војната во Украина, но оти е непредвидлив и треба да се почекаат првите одлуки во јануари.

- Мораме да бидеме подготвени за промени во прашањето што е клучно за нас, безбедноста, Украина, Русија, војната. Промена на фронтот во Вашингтон? Не познавам никој што може да одговори на тоа прашање во моментов, изјави Туск за полските медиуми.

Берлин - По распадот на германската левичарска коалиција, канцеларот Олаф Шолц денеска напладне треба да се сретне во својот кабинет со опозицискиот лидер Фридрих Мерц за да разговараат за патот до нови избори, јави ДПА.

Шолц планира на 15 јануари Бундестагот да расправа за гласање доверба на неговата влада, а со оглед дека нема веќе мнозинство, потоа ќе повика на предвремени федерални избори на крајот на март.

Будимпешта - Финскиот премиер Петери Орпо денеска изјави дека европските земји треба да испратат јасна порака до Соединетите Американски Држави и администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп дека ќе ја поддржуваат Украина се додека е потребно.

-Нашата порака мора да биде јасна и силна, им рече Орпо на новинарите пред состанокот на европските лидери во Будимпешта.

Москва - Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска не ја исклучи можноста рускиот претседател Владимир Путин да разговара со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп пред неговата инаугурација во јануари.

-Тоа не е исклучено, изјави Песков, пренесен од руските медиуми.

 

 

Остани поврзан