МИА Општински пул
- МИА Општински пул
26 декември 2024
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевскки додели 66 смарт таблети во СОСУ „Илинден“ по повод новогодишните и божиќните празници.
Како што соопшти Општина Илинден, Георгиевски истакнал дека оваа иницијатива е во согласност со неговите заложби и посветеност кон модернизацијата на образованието и обезбедување на најдобрите услови за учење и развој на учениците.
- Таблетите ќе бидат искористени за пристап до најновите едукативни апликации, дигитални учебници и други материјали кои ќе го направат учењето поинтересно и попријатно и ќе им помогнат на учениците да ги доразвијат своите дигитални вештини кои се клучни во ова време на дигитализација, посочил Георгиевски, додавајќи дека локалната самоуправа цели кон модерно и современо образование за сите млади.
Скопје - Екипи на Комунална хигиена-Скопје вчера и во текот на ноќта транспортирале приближно 50 кубни метри непрописно оставен отпад на неколку диви депонии во скопските општини Чаир, Карпош и Гази Баба.
- Повторно е интервенирано на улицата „Џон Кенеди“ во општината Чаир, каде што се подигнати 15 кубни метри кабаст и отпад од картонски пакувања оставени на јавна површина во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“. Во оваа скопска општина се отстранети и седум кубни метри непрописно оставен градежен отпад од сообраќајна површина на улицата „Цветан Димов“, информира претпријатието.
Во општината Карпош, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје работеле на булеварот „Партизански одреди“, каде што се расчистени приближно пет кубни метри отпад картонски пакувања оставен на тревна површина во близина на Порта Влае.
- ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден отстрани и обемна дива депонија составена од кабаст и мешан комунален отпад лоцирана на улицата „Париска комуна“ во општината Гази Баба, се наведува во соопштението.
Битола - Советот на Општина Битола го прифати барањето на Здружението на лиценцирани такси превозници со кое се зголемуваат цените на услугите за такси превоз во овој град.
Одлуката ќе стапи во сила со објавување во општинскиот Службен гласник, со што ќе се овозможи сите такси превозници на старт да наплаќаат по 60 денари, а потоа во прва тарифа ќе се наплаќаат по 35 денари од изминат километар. Во втора тарифа 40, а тарифата за трета ноќна смена, како и за такси услуга за време на празник и во недела ќе чини по 45 денари за изминат километар.
Здружението на лиценцирани такси превозници, првата тарифа и тарифата за трета смена, празник и недела ќе ги применува веднаш по стапување на одлуката во сила, додека тарифата за изминат километар по 40 денари времено нема да се користи, но доколку дојде до зголемување на трошоците поврзани со нивната дејност од над 10 насто, тогаш ќе биде ставена во функција. Со одлуката на битолските советници, таксистите за чекање на клиентот во траење од еден час ќе наплаќаат по 400 денари.
Со новите цени за такси превозот во Битола, најевтин за битолчани останува јавниот автобуски превоз, а цената на билетот е 30 денари за сите релации во градот.