• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

26 декември 2024

Скопје - Ниска реализација на капиталните проекти, само 47 отсто до ноември, доцнење на повратот на ДДВ за компаниите, 35 до 39 отсто од БДП сива економија, недостиг на работна сила и намалување на извозот за 5,5 проценти во периодот јануари - октомври се само некои од предизвиците со кои годинава се соочи домашната економија, смета Стопанската комора на северозападсна Македонија (СКСЗМ).

Според анализите на Комората, сивата економија во „најдоброто сценарио“ ја чини земјава над 700 милиони евра годишно, додека во „најлошото сценарио“  надминува 1,7 милијарди евра потенцијални загуби на буџетските приходи.

Скопје - Ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата за уставните измени да биде спроведена, изјави на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Африм Гаши.

-Процедурата за уставни измени е пропишана во Уставот и во Деловникот. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива. Но, ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата да биде спроведена. Знаете дека уставни измени се случуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството на пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки, рече Гаши.

Скопје – Дали ќе има измени на законското решение за недела неработен ден ќе се знае по следната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на која заедно гласно и јасно ќе разговараме со работодавачите и работниците, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Мое лично мислење е дека треба да им биде овозможено во недела да работат на сите оние кои ќе постигнат договор со работодавачите и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница или, пак, никој да не работи. Или ќе важи за сите или нема да важи за никого, а политика на двојни стандарди ние нема да водиме. Дали ќе има законски интервенции и какви ќе бидат ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на ЕСС. За ова прашање веќе сме разговарале со синдикатите и со стопанските комори и не е прашање кое сакаме да го наметнеме. Не сме го разговарале во тесен круг, па да носиме одлука и потоа да не знаеме што да правиме со неа. Нема да направиме ништо на сила, рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова донела одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија.

Кабинетот на Сиљановска-Давкова информира дека за претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Валентин Мирчески, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р Гзиме Старова, д-р Самуел Садикарио, д-р Андријана Јаневска, м-р Ана Дурловски, м-р Решат Амети, Дејан Георгиевски, Евгенија Теодосиевска, Жарко Башески, Оливера Наковска Бикова и Весна Петрушевска.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека интерпелациите поденесени за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути се очекува да бидат ставени на пленарната седница која би требало да биде свикана за 10 јануари следната година.

-Најавата е дека на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница и ќе биде околу тоа - интерпелациите. Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, а ако не ќе ги ставиме во дневен ред како што доаѓале. Така, што по Деловник ќе работиме. За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја, рече Гаши.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека ќе се консултираат со Уставниот суд ако правни експерти сметаат дека е противуставно и противзаконски Парламентот да ги разреши членовите на Судскиот совет кои се избрани од Собранието за правнички да не згрешиме. Не се исклучува можноста да почне постапка за разрешување на пет члена на Судскиот совет избрани во Собранието.

-Негативниот извештај за работата на Судскиот совет значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот. Комисијата за избори и именувања како што ги назначила, на ист начин ќе бидат разрешени и така ќе оди назначувањето на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата, на дневен ред ќе биде штом има услови за тоа прашање, рече Гаши.

Скопје - Сите јавни инвестиции над 120 милиони денари или 2 милиони евра ќе поминуваат филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата со цел да се надмине состојбата на појавување проблеми во подоцнежната реализација. Ова е предвидено со измени во Законот за буџети, а со цел да се креираат проекти кои ќе можат да се реализираат, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. 

Како што информира Министерството за финансии, Димитриеска-Кочоска во гостување во Тв 21 истакна дека има многу наследени проекти од претходната Влада кои сега се прекинуваат поради објективни проблеми.

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се сретна со министерот за трговија на Турција Омер Болат кој е во еднодневна посета на Северна Македонија.

На средбата, што се одржа во Министерството за економија и труд, двајцата министри разговараа за трговските и економските односи меѓу Турција и Северна Македонија, како и за развивањето и продлабочувањето на овие односи.

Скопје - Минималната плата да биде 500 евра, придонесите да се намалат од 47,7 на 32 отсто, а дел од администрацијата да се прераспредели во приватниот сектор, бара Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Комората денеска повторно го актуелизираше и прашањето за поврат на ДДВ-то кон компаниите. Како што изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура, и претходната и сегашната Влада доцнат со враќањето на данокот.

Скопје - Во Влада денеска се реализира средба на министерот за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, со претставници на невладини ромски организации.

Министерот на прес-конференција пред почетокот на средбата, рече дека целта е да се детектираат проблеми и да се дојде до тоа како тие да се решат. Целта е, додаде, да се изгради инклузивно и праведно општество.

Скопје - Компаниите кои доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамки на Новогодишната кошничка, да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното, апелира Стопанската комора на северосападна Македонија (СКСЗМ).

Комората досега нема потврда дека некои од нејзините членки не се придржуваат до оваа мерка и дека направиле какви било зголемувања на цените надвор од договореното.

Скопје - Во 2024 година кај нас како и во минатите години, граѓаните онлајн најмногу купувале облека, вклучително и спортска облека, чевли или додатоци како чанти и накит, соопшти Асоцијацијата за е - трговија на Северна Македонија која ги анализираше податоците објавени од Државниот завод за статистика за користење информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и од поединците во 2024 година, според кои се забележува пораст на направените онлајн купувања/нарачки за 10 процентни поени.

Дури 63.5% од македонските интернет корисници нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци наспроти 53.5% во истиот период минатата година.

Како што објави АЕТСМ, 90.2% од домаќинствата имале интернет пристап наспроти 88% во истиот период минатата година, додека 91.2% од Македонците на возраст од 15 до 74 години користеле интернет наспроти 85.3% во истиот период минатата година (Државен завод за статистика, 2024). При тоа, 92.2% од мажите користеле интернет наспроти 90.2% од жените во истиот период. 76.4% од Македонците користеле интернет неколку пати во текот на денот, и тоа 78.3% од мажите и 74.6% од жените.

Сараево - Во тек е акција за приведување на министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ. Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи на Република Српска (РС) по налог на Државното обвинителство на БиХ, јави сараевскиот портал Кликс.

Нешиќ е осомничен за корупција во периодот кога ја извршувал функцијата директор на „Патишта РС“. Според информациите, МВР на РС подолго време ја истражувало оваа активност.

Сеул - Главната опозициска партија во Јужна Кореја, Демократската партија (ДП), поднесе барање за импичмент на привремениот претседател Хан Дак-су, кој истовремено е и премиер на земјата, јави новинската агенција Јонхап.

На денешната пленарна седница, парламентот беше информиран за иницијативата, а гласањето за импичментот е закажано за утре.

Љубљана - Во Словенија денеска се одбележува Денот на независноста и единството, во чест на настаните од 1990 година, кога словенечкиот Парламент ги објави резултатите од плебисцитот. На тој референдум, кој се одржа на 23 декември 1990 година, 88,5 отсто од гласачите со право на глас се изјаснија за отцепување од тогашна Југославија.

Резултатите официјално беа објавени три дена подоцна во парламентот, што означи почеток на подготовките за прогласување независност. Процесот заврши на 25 јуни 1991 година.

Нови Сад - Неколку стотици студенти утрово тргнаа од кампусот на Универзитетот во Нови Сад во протестна прошетка низ градските булевари, блокирајќи една од најпрометните крстосници во близина на трговскиот центар „Променада“.

Студентите дуваат во свирчиња и „вувузели“, а во рацете носат индекси. На транспаренти се испишани пораки како „Народот не треба да се плаши од власта, туку власта од народот“, „Мама не ме научи да молчам“ и „Корупцијата е многу кринџ“.

Сараево - Обвинителството на Босна и Херцеговина потврди дека министерот за безбедност на БИХ, Ненад Нешиќ е лишен од слобода.

Обвинителството на БиХ заедно со Управата за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска денеска нареди апсење на Нешиќ, како и на директорот на „ЈП Патишта РС“, Милан Дакиќ, на Младен Лучиќ и уште четири лица.

Бангкок - Тајланд ја прифати поканата да стане земја партнер на БРИКС и се надева дека во наредниот период ќе се приклучи во организацијата како полноправна членка, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на земјата.

Портпаролот на министерството на прес-конференцијата рече дека Тајланд на 31 октомври добил официјална покана да стане партнер на БРИКС од претседавачот на таа организација, Русија, а дека на 24 декември на седницата на владата било одлучено да се позитивен одговор на таа покана.

Остани поврзан